X
 28.04.2018 Живот

Не претпоставувајте како се чувствува вашиот цимер, прашајте го

Како ви одеше со вашиот прв цимер или цимерка? Дали се сложувавте или се прашувавте дали верува дека садовите ќе ги измие тим од самовили? Или можеби додека бевте под притисок од испитите, тој беше несвесен за вашата истоштеност? Па можеби тој ги имал истите мисли за вас.

Според истражување на Универзитетот од Њујорк, цимерите ја потценуваат истоштеноста на другиот, без оглед на тоа колку се блиски. Околу 85 отсто од 187 цимери во студијата биле жени и повеќе од половина од нив биле бели. За да се квалификуваат за студијата, тие морало да имаат живеено заедно најмалку пет месеци. И иако сите знаат колку стресно може да биде студирањето, изгледа дека минувањето низ тој период со некој друг не е доволно да им даде вистинско чувство на цимерите за борбата низ која минува другата личност.

Истражувачите првин ги интервјуирале учесниците во февруари и ги прашале за нивното чувство за благосостојба. Тие исто така го прашале секое лице за состојбата на духот на неговиот цимер, а потоа ги споиле тие гледишта со перцепциите на цимерот. По шест недели истражувачите повторно ги провериле цимерите. Дали имале стресна пролет? А нивните цимери? Речиси кај сите се покажало дека студентите чувствувале дека нивните цимери немаат толку тешкотии.

Тука не станува збор само за луѓе што не сфаќаат кога нивните цимери се под стрес. Има директна врска меѓу тоа колку тие чувствувале дека се под стрес и колку мислеле дека нивните цимери се под стрес. Ако испитите биле тешки за едниот цимер, тоа лице е поверојатно да оцени дека другиот цимер имал помал стрес. Цимерите обично го потценуваат стресот на оние со кои живеат. Ако еден учесник каже дека стресот му се зголеми за четири поени на скала со десет поени, од три на седум, тогаш неговиот цимер сметал дека стресот на другарот му се зголемил за само еден поен.

Друга студија, пак, утврди дека има слични тенденции и кај паровите. Иако луѓето многу добро знаат кога нивниот партнер е добро расположен, студијата покажува дека не сме толку добри во знаењето кога нашата друга половина е тажна или осамена. Затоа не претпоставувајте како се чувствуваат луѓето околу вас. Прашајте како се, може да се изненадите од нивните одговори.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот