03.02.2021
Здравје
Филипче: Вакцинацијата ќе почне со кинеската вакцина, сите вакцини се безбедни
Преговорите се во завршна фаза и во февруари првата количина што ќе пристигне во нашата земја ќе бидат кинеските вакцини. Ние практично целокупниот процес на имунизација, согласно веќе подготвениот систем, ќе го започнеме со тие вакцини, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој истакна дека за кратко време ќе се знае и точниот датум на испорака на 200.000 вакцини, по што јавноста веднаш ќе биде информирана. Со тоа ќе почне вакцинирањето на сите приоритетни групи.
Во однос на набавката на кинеските вакцините, Филипче рече дека ние ја преземаме обврската за спроведување на целата логистика околу транспортот. Договорот е директен меѓу компанијата и Министерството за здравство.
На прашањето каков пристап има земјава кон тоа што неколку европски земји се изјасниле дека вакцината на „Астра зенека“ нема да ја даваат на лица над 64-годишна возраст, министерот Филипче потенцираше дека тоа е став на неколку национални агенции, од неколку европски земји. Сѐ уште не е влезено во официјалното упатство, меѓутоа, сигурно дека ќе се следат насоките од официјалните европски агенции.
Министерот Филипче рече дека засега немаме разговори за руската вакцина.
- Меѓутоа, сакам да потенцирам дека буквално сите вакцини што се сега на пазарот се безбедни. Немаме задршка кон ниту една вакцина. Сите се развиени на безбедни платформи, едноставно во овој момент многу тешко се стигнува до вакцините. Еве и овие преговори што ги водиме со „Фајзер“, и овие што ги завршуваме со кинеската компанија, се навистина тешки и бараат многу детали, поради тоа што и самите компании се под огромен притисок. Нема политика, сите вакцини се безбедни и секогаш здравјето е приоритет - рече Филипче.