X
 05.09.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој може да дарува конвалесцентна плазма за болни од Ковид-19?

Од Институтот за трансфузиона медицина информираа дека со крвна плазма се третирани околу 70 пациенти

Во крвната плазма на лицето што било излелувано од Ковид-19 има антитела кои организмот ги создал во текот на борбата против болеста. Плазмата која ги содржи овие антитела што се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма. Таа се користи за лекување на заболените од Ковид-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста.

Кој може да дарува конвалесцентна плазма?

Од Институт за трансфузиона медицина објаснуваат дека конвалесцентна плазма може да даруваат лица што имаат оздравено од инфекција Ковид-19, ако ги исполнуваат стандардните услови за дарување крв и дополнителните критериуми:

-Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од Ковид-19.
-Да имаат два негативни теста во рок од 24 часа.
-Да се минимум 21 ден без симптоми, по што ќе се направи дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус.
-Машки дарители или женски дарители кои не раѓале или се негативни на HLA антитела.

Кога се проверува дали лицето може да биде дарител, ќе биде земен примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.


Фото: Институт за трансфузиона медицина

Како изгледа дарувањето


Постапката за дарување плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 милилитри плазма, а останатите компоненти му се враќаат на донорот. Плазмата што е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надоместува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува критериумите.

Предонациски лабораториски испитувања

Кај потенцијалните дарители се проверува крвна слика, се прават биохемиски анализи (гликемија, липиден статус, протеински статус-вкупни протеини да се повеќе од 60 г/л, деградациони продукти, ензимски статус, CRP), како и проверки за инфекции преносливи преку крв (хепатит Б, хепатит Ц, ХИВ и сифилис). Исто така, се испитува крвна група со скрининг на антитела, концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2, а за дарители од женски пол кои биле бремени ќе се прави и Anti-HLA антитела.

За подетални информации потенцијалните дарители може да се јават на 078/488-459 (од 9 до 15 часот) или на е-пошта: rztskopje@gmail.com.

И вие можете да спасите нечиј живот по закрепнувањето од болеста предизвикана од коронавирусот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема