Научниците можеби најдоа доказ за најдамнешниот живот на Земјата. Според новите докази, животот на Земјата можеби започнал 300 милиони години по формирањето на планетата. Претходно потврдениот најстар живот на Земјата датира од пред околу 3,5 до 3,7 милијарди години. Многу научници веруваат дека Земјата се формирала пред околу 4,5 милијарди години. Ако се докаже како точно откритието, тоа ќе значи дека овие новооткриени микрофосили се стари неверојатни 4,2 милијарди години.
Откритието дека животот на Земјата можеби се создал толку одамна е возбудливо поради повеќе причини. Прво, покажува дека животот си наоѓал пат дури и кога Земјата не била толку погодна за живеење како што е сега. Второ, научниците веруваат дека овие видови микрофосили може да постојат како знак за живот на други планети.
Микрофосилите за кои станува збор оригинално биле опишани во студија од 2017 година предводена од страна на истражувачот Доминик Папинео. Сепак, во тоа време многумина се сомневале во биолошкото потекло на структурите. Тоа довело до дополнителни истражувања на микрофосилите, што, пак, резултирало со нова студија објавена месецов во „Сајенс адвансес“.
Тимот во студијата го опишува можниот најстар облик на живот на Земјата како структура во облик на дрво голема околу еден сантиметар. Дизајнот е сличен на некои што ги гледаме, а се создадени од бактериите денес. Дополнително, научниците истакнуваат дека карактеристиките на микрофосилите во голема мера ја исклучуваат можноста за небиолошко потекло.
Сепак, истражувањата продолжуваат бидејќи нема 100-отстотен доказ за тоа. Така, во иднина може да очекуваме уште студии за микрофосилите и за она што ги предизвикува.
Извор:
BGR
Насловна фотографија: Unsplash