Задржувањето на температурите на 1,5 до 2 Целзиусови степени над прединдустриското ниво, кое многу климатолози го сметаат за критичен праг, би можело да биде многу потешко отколку што се мислело, покажува
нова научна студија.
Имено, според трудот, дури и ако сите држави на светот би се придржувале до Парискиот договор за ограничување на емисиите на стакленички гасови, постои голема опасност Земјата да влезе во услови кои климатолозите ги нарекуваат „Земја стакленик“.
Авторите на студијата идентификувале десет процеси кои би можеле да имаат домино-ефект и да дејствуваат по принципот на повратни информации, така што растот на температурите веќе нема да зависи само од човековите емисии на јаглероден диоксид.
Тука, меѓу другото, спаѓа топењето на вечниот лед, растот на активностите на бактериите во океаните, изумирањето на амазонските прашуми, изумирањето на иглолисните шуми, намалувањето на снежната прекривка на северната хемисфера, исчезнувањето на арктичкиот лед во летните месеци и намалувањето на антарктичките морски и копнени ледени плочи.
На пример, топењето на вечниот лед ќе ослободи големи количини на метан кој е многу силен стакленички гас од јаглероден диоксид. Тоа, пак, ќе предизвика зајакнување на ефектот на стакленик, понатамошен пораст на температурите и понатамошно топење итн.
Некои од тие процеси исто така имаат елементи кои, по достигнување одредено ниво, од поволни нагло се претвораат во неповолни и наместо да ги амортизираат емисиите на јаглероден диоксид апсорбирајќи ги, во потоплите предели од Земјата стануваат нивни големи, неконтролирани извори.
Имено, научниците предвидуваат дека океаните, кои моментално апсорбираат и топлина и јаглероден диоксид и дејствуваат како нивни складишта, во еден момент нагло ќе почнат да испуштаат стакленички гасови. Слична ситуација ќе има и со копното и шумите, кои моментално годишно апсорбираат околу 4,5 милијарди тони јаглероден диоксид.
Според новата студија, тоа би можело да почне да се случува веќе при температури повисоки за околу 2 степена од прединдустриските. Тие моментално се повисоки за 1,1 степен, а Парискиот договор настојува да го ограничи нивниот раст на околу 1,5 до 2 степена. Досега тие два степена главно се сметаа за праг по кој климатските промени би можеле да станат катастрофални и неповратни. Но, колку повеќе се приближуваме до тој праг, толку е поголема веројатноста нашите природни сојузници да почнат да испуштаат повеќе јаглероден диоксид отколку што моментално апсорбираат.
Авторите предвидуваат дека температурите со текот на времето би можело да се стабилизираат на некој глобален просек, кој би бил од 4 до 5 степени повисок од прединдустрискиот, додека нивото на морето би можело да се зголеми за околу 10 до 60 метри.
- Преминувањето на прагот би довело до многу повисоки просечни температури од кои било меѓуглацијални во последните 1,2 милион години и до значително повисоко ниво на морето отколку што некогаш имало во холоценот - наведуваат авторите на студијата.
Тие предупредуваат и дека ако се премине прагот, добиената траекторија би предизвикала сериозно нарушување на екосоставот, општеството и економијата.
- Потребна е колективна акција на сите луѓе за Земјините состави да се насочат далеку од потенцијалниот праг. Таквата акција подразбира управување со целиот Земјин состав - биосферата, климата и општествата - а би можела и да вклучува декарбонизација на глобалната економија, промени во однесувањето, технолошки иновации, нови управувачки структури и трансформација на општествените вредности - предупредуваат авторите.
Некои експерти предвидуваат дека во свет потопол за четири степени би можеле да живеат околу една десеттина од денешниот број на жители.
Ханс Јоаким Шелнхубер, директор на Институтот за истражување на климатското влијание во Потсдам, вели дека последиците од глобалното затоплување по одреден праг би можеле да предизвикаат брзи и неповратни промени.
- Таа каскада на настаните би можела целиот состав на Земјата да го воведе во нов модус на функционирање. Ние сѐ уште не знаеме дали може климатскиот состав сигурно да се паркира близу до два степена над прединдустриското ниво, како што предвидува Парискиот договор. Или, пак, штом еднаш ќе го турнеме толку далеку, ќе се фрли главечкум и ќе ја претвори Земјата во стакленик. Истражувањата мора да ги проценат овие ризици што е можно порано - порача Шелнхубер.
При разбирањето на сценариото на климатските промени треба да се има на ум дека некои природни изумирања се случиле при пораст на температурите за осум степени. Исто така, треба да се знае дека растот на просечните температури за наведените пет степени подразбира дека мнозинството температурни промени веројатно ќе се случуваат во мал дел од годината, во кој тие можат да бидат значително
повисоки.