X
 28.04.2022 Образование

Шаќири: Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе добие свој објект

Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ќе добие свој инфраструктурен комплекс шест години по основањето, соопштија од Министерството за образование и наука, од каде што додаваат дека Владата пред неколку дена донела одлука установата да добие локација на која постојните објекти ќе се адаптираат за потребите на наставно-научниот кадар и за студентите. Инвестицијата ќе ја реализираат МОН и самиот универзитет.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и новоименуваниот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Изет Зеќири, вчера се сретнаа и на средбата било извршено примопредавање на локацијата во кругот на поранешната касарна „Илинден“ во Скопје, каде што ќе биде сместен универзитетскиот кампус.

- Денес ги завршуваме административните процедури за да почне изградбата на универзитетскиот кампус и ова е голем исчекор напред во заложбите за градење една квалитетна високообразовна установа. Затоа што квалитетот во голема мера зависи од инфраструктурните услови - рече министерот Шаќири, изразувајќи очекувања дека градежните активности ќе започнат годинава и веќе од следната академска година целиот наставно-научен процес ќе се префрли во новите простории.

Зеќири изразил благодарност до МОН и Владата за отстапената локација и за поддршката која и досега му ја давале на универзитетот од сите аспекти, а рекол и дека ова е успех и на досегашното универзитетско раководство.

Фото: МОН

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование