Најавените реконструкции на студентските домови не може да отпочнат сѐ додека не се реши нивниот имотно-правен статус. Со промените во Законот за градба, поголемиот дел од студентските домови се наоѓаат на државно земјиште, а тоа е случај и со повеќе јавни установи во земјава, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
- Очекувам што побрзо да се решат имотно-правните статуси и да се доделат дозволите за градба, што треба да бидат дадени од одредени општини за конечно да почнеме со реконструкција - рече Шаќири.
За реконструкцијата на „Стив Наумов“, министерот вели дека се реализира заедно со Германската банка и дека транспарентно известуваат во која фаза е постапката.
Факултети.мк неодамна пишуваше за проблемите со сместувањето на студентите и реновирањето на домовите. Имено сѐ уште не е избрана фирма изведувач која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје иако од Министерството за образование минатата година за Факултети.мк најавија дека постапката ќе заврши до крајот на 2022, а градежните зафати ќе започнат во март 2023 година.
Во врска со субвенционираниот студентски оброк, Шаќири рече дека над 70 проценти од студентите веќе ги имаат земено картичките и дека оваа академска година средствата за студентски оброк се зголемени од 120 на 140 денари дневно.
Студентите, како што посочи, треба на дневна основа да ги трошат средствата за оброк, а нивните барања се да има повеќе достапни економски оператори.
Извор: МИА