X
 28.05.2017 Култура

Фаталните жени на словенските престоли кои го треселе светот низ историјата

Жените родени во словенските земји или дојденките кои им станале сопруги на локалните владетели, оставиле дузина значајни приказни. Некои од нив имале толку необични животни врвици што е тешко за верување дека биле вистинити. Запознајте ги Свјетослава, Александра, Марија, Кинга и Ана кои се само некои од многуте претставителни и контроверзни жени меѓу кралските семејства од словенско потекло.

1. Свјетослава (10 век од н.е)

Позната и како Горделивата Сигрид, била ќерка на Мјешко Први, првиот владетел на Полска (не бил крал, но се верува дека е првиот кој ги обединил сите етнички заедници во тоа што подоцна ќе стане полска нација). Мајка ѝ била Дубравка од Бохемија, принцезата од династијата Пшемисловци. Животот на Свјетослава е погоден за сценаристичка адаптација. Таа имала бунтовнички темперамент, дух на фатална жена и инстинкт на убиец. Нејзините двајца мажи, Ерик Победничкиот од Шведска и Свен Вилобрадестиот од Данска, биле едни од највлијателните луѓе во тоа време. Влијанието на Свјетослава врз нивните политики и врз владеењето на нејзините синови, ѝ донело лоша слава и многу непријатели. За да преживее во маскулинистичкиот свет, таа морала да биде силна и умна. Моќта ја одржувала со својата злоба и суровост. Многумина верувале дека била вештерка.

2. Султаната Хурем (1500/1502 – 1558)


Родена во Рогатин (денешна Украина, во 16 век под Круната на Полска) како Александра Лисовска, словенска убавица во харемот на султанот Сулејман Величествениот. Иако не била родена во кралско семејство, нејзината необична личност, тврдоглавост и шарм, ја направиле една од највлијателните жени во историјата на Отоманската Империја. И покрај тоа што односот меѓу султанот и Александра се чинел заснован на љубов и разбирање, многумина веруваат дека таа била вештерка што го маѓепсала Сулејман. За време на ископувањата во старата палата во Едрене, археолозите откопале делчиња од уред за правење ароматични масла, за кои се верува дека ѝ припаѓале на султаната Хурем. И без да има јасен доказ на оваа теорија, нејзината животна приказна живее и денес.

3. Марија од Србија, кралицата на Босна (1447 – 1500)

Свештениците ја нарекувале „злобна жена“. Нејзината крв била лута како табаско и немала ништо заедничко со типичната жена од 15 век. Животот ѝ бил конфликтен, а бунтовничкото владеење ѝ донело многу непријатели. За време на судирот со Отоманската Империја, се покажала како силен противник. Кога го егзекутирале нејзиниот маж, и покрај тоа што станала вдовица, не се повлекла од политиката. Се обидела да го преземе тронот, но знаејќи дека е невозможно да ја одржи власта, се премажила и по вторпат станала кралица. Политиката ѝ била фах. Марија била толку упорна што дури и Отоманскиот султан се понудил да ѝ биде заштитник. Последните години од животот ги поминала во сплетки против најблиските роднини, кои животот на кралица ѝ го претворија во судбина на бегалец. Се зборувало дека имала натприродни моќи, но луѓето ѝ се восхитувале на нејзината пожртвувана борба за кралството.

4. Кинга од Полска (1224 – 1292)


Кинга е светица на Католичката црква, но истовремено е и најконтроверзниот избор на црквата меѓу другите кралици на Полска. Официјалните религиски извори веруваат дека таа го посветила својот живот на молитви и предаденост на христијанскиот Бог. Според легендата, нејзина инспирација била сестрата на нејзиниот маж – Благословената Саломеја од Полска. Згора на тоа, кога починал мажот ѝ, одлучила да живее во беда и сите материјални добра ги разделила на сиромашните. Меѓутоа, некои истражувачи ја посочуваат обратната верзија на приказната. Се смета дека како калуѓерка таа живеела невообичаен живот. Пред сѐ, обожавала да јава на коњи, а била и многу социјализирана личност. Дополнително, се верува дека сакала времето да го поминува во друштво на мажи, што претставува скандалозен факт од нејзиниот живот. Невозможно е да се докаже овој дел од приказната, но често се слушаат приказни за нејзините љубовни романси. Ако сето тоа било вистина, тогаш таа би била една од најбунтовните фатални жени на сите времиња.

5. Ана, Големата војвотка од Литванија (непознат датум на раѓање – 1418)


Доколку некој ѝ ги загрозел плановите, таа била подготвена веднаш да го елиминира. Му била жена на Витолд Великиот, војводата од Литванија. Биле совршена двојка, и двајцата ја сакале моќта и политиката и немале скрупули. Личноста на Ана и паметните политички тактики ја направиле почитувана и призната владетелка, дури и помеѓу непријателите на нејзиниот маж. За нејзиниот живот се знае многу малку, но еден од најскандалозните факти е пријателството со Витезите од Тевтонскиот ред. Додека нејзиниот маж војувал против нив, таа им била чест гостин на дворовите. Не е познато дали станувало збор за политика, пријателство или љубовни афери. Ана била слободен дух и никој не можел да претпостави што има на ум.

6. Катерина Велика, Императорка на Русија

Најмоќната владетелка во историјата на Русија, несопирлива освојувачка, просветлена царица и заштитничка на уметностите и литературата; Катерина Велика била неспоредлива владетелка. Била германска принцеза и царица-сопруга, „Семирамида на Северот“. Престолот на Русија го наследила од својот маж и го задржала до нејзината смрт, масивно проширувајќи ја руската територија, реформирајќи ја земјата во модерна и прогресивна, поставувајќи ја Руската Империја на глобалната мапа како сила од која треба да се стравува.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура