X
 30.01.2019 Економија

Хрватите тргнаа во поход по сезонски угостителски работници

Работодавците од Хрватска уште во текот на јануари тргнаа во акција барајќи квалификувана работна сила за угостителството, обиколувајќи неколку градови во соседството во потрага по работници.

Еден од примерите е едно акционерско друштво за угостителство и туризам од Пореч, „Плава лагуна“, кое освен во тој град, хотели има и во Умаг и во Риека. Тие одржале презентации во Риека и Зеница, Босна и Херцеговина, барајќи работници за 15 занимања, од келнери и готвачи до собари и чистачи, како и друг помошен персонал. Ним за летната сезона им се потребни илјада работници.

Во Хрватска работат на обезбедување на работниците што недостигаат, особено во угостителството и туризмот. Минатата година таму недостигале повеќе од илјада работници, па Хрватите решиле да го променат пристапот. Тие ги зголемиле и финансиските понуди за работниците.

Ветената минимална месечна плата за овие занимања е 700 евра со бесплатно сместување и три оброци дневно, платен превоз, односно платена повратна автобуска карта, како и загарантирана стимулација од 20 евра месечно. Тоа се однесува за 40 работни часа седмично. Прекувремената работа се плаќа посебно. Хрватите нудат ангажман од најмалку шест месеци, со можност за продолжување. За квалификуваните келнери најмалата плата е од 900 до 1.000 евра со сè набројано. Интересно е што не се прави разлика меѓу домашните и странските работници, односно сите добиваат еднакви износи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија