Универзитетската изборна комисија при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола утврди двајца кандидати за избор на ректор на УКЛО-Битола и е подготвена за претстојното тајно гласање што ќе се одржи на 29 мај.
Од УКЛО информираат дека ректор се избира од редот на редовните професори на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците, за време од три години, со право на уште еден избор.
Универзитетот и неговите единици ја реализираат постапката за избор на ректор во согласност со Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот и Упатството за постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Сенатот на УКЛО избра Универзитетска изборна комисија од седум члена и тројца заменици од редот на сенаторите, чиј претседател е проф. д-р Мирослав Андоновски од Економскиот факултет – Прилеп.
Целокупната документација за избор на ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е објавена на веб-страницата на Универзитетот и таа е јавно достапна, вклучително и гласачкото ливче за избор на ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со двајца утврдени кандидати според азбучен ред на презимето на кандидатите:
1. Герамитчиоски д-р Тале, редовен професор
2. Коруновски д-р Сашо, редовен професор
Гласањето на сите единици на УКЛО ќе се спроведува на 29.05.2019, од 12 ч до 14 ч. Право на глас за избор на ректор имаат 270 члена на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците на УКЛО.