X
 08.12.2023 Образование

Со свечена седница на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа одбележан патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола

Патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола е одбележан со свечена седница на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа, пригода која вклучи неколку важни академски моменти.

Во поздравна реч, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, се осврна на актуелни и идни предизвици. Нагласени се успесите на меѓународната сцена бидејќи УКЛО е универзитет кој во домашниот и во европскиот едукативен простор не настапува сам, засега е единствен македонски универзитет член на Европската универзитетска алијанса заедно со уште осум други универзитети, здружени во КОЛОРС. Тој потенцира и други суштествени моменти поврзани со сегашноста и иднината на УКЛО, меѓу кои кадровското освежување и подмладување, јакнење на рејтингот на УКЛО на меѓународни универзитетски ранг-листи, при што потенцира и други предности поврзани со транспарентноста на Универзитетот, како што е УКЛО Мрежата, талентите на УКЛО, динамизираната отвореност кон опкружувањето, со бизнис и небизнис-секторот и локалните самоуправи. Ректорот Неделковски ја истакна определбата дека студентот како стожер на економскиот и општествениот развој на овој регион, за УКЛО е императив кој продолжува да се почитува.

ректор

Во рамки на чествувањето, прогласени се најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23.

Најдобар научник на УКЛО е професорката Анка Трајковска-Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет – Велес.

Титулата најплоден научник ѝ е доделена на проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп.

Меѓу најдобрите и најактивни научници промовирани се и академски кадри кои покажаа високи резултати и за нивниот научен ангажман наградени се и професорите: д-р Весна Антовска Книгхтс од ТТФ – Велес, д-р Билјана Трајковска од ФБТН - Битола, д-р Иванка Нестороска од ФТУ - Охрид, д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет - Кичево, д-р Дијана Блажековиќ-Димовска од ФБТН - Битола и пред. м-р Денис Арсовски од ВМШ - Битола.

Од име на добитниците се обрати професорката Анка Трајковска-Петкоска. Таа се заблагодари на иницијативата за евалуација на квалитетот и достигнувањата во научноистражувачката работа во академската УКЛО-заедница бидејќи, според неа, раководството на УКЛО на овој начин излегува надвор од рамките на алумни-заедницата со препознавање кадри кои ја стекнале едукацијата на друг универзитет, но направиле импакт за УКЛО, за пошироката заедница и за надградување на младите генерации.

2

Традиционално, доделени се награди за најдобро дипломираните студенти, со што УКЛО го вреднува вложениот труд на студентите, особено на оние чии високи успеси заслужуваат почит и восхит. Христина Нунеска од име на најдобрите студенти ја искажа благодарноста до УКЛО за развиената мрежа со бизнис-заедницата, можноста дипломираните да застанат зад катедрите на факултетите, да се цени нивниот труд, да се почитува успехот и да се слуша гласот на младите.

Инаку, одбележувањето на патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола на 7.12.2023 г., институција со која УКЛО потпиша Меморандум за соработка. Потписниците, д-р Лили Бошевска и ректорот Игор Неделковски, ја официјализираа добрата соработка во присуство на најблиските соработници, проректорите на УКЛО: Јасмина Буневска-Талевска, Јове Димитрија Талевски, Цветко Андреески и Горан Илиќ. На свеченоста присуствуваа високи претставници од државни универзитети, меѓу кои и ректорот на ДУТ, Јусуф Зејнели, членовите и претседателот на Универзитетскиот сенат, Николче Јанкуловски, декани и директори на единиците на УКЛО, студенти и вработени на УКЛО, како и претставници од општествениот и политичкиот живот и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

1

Програмата беше збогатена со уметничко-музички содржини во интерпретација на ученици од ДМУ – Битола.

Претходно, во чест на патронот, одржана е работна средба со членови на Советот на ректори, а повеќе делегации: од раководството, УГД, Генералниот конзулат на Република Бугарија, единици на УКЛО, студентите и Синдикатот на вработените на УКЛО, положија букети цвеќиња пред споменикот на Св. Климент во дворот на Ректоратот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование