X
 01.01.2024 Здравје

Што е детоксикација и дали воопшто функционира?

Детоксикацијата претставува процес во кој се користат одредени производи или методи за чистење на организмот, а понекогаш се користат додатоци во исхраната за да се исфрлат токсините од телото. Таа е многу популарна во последно време, иако не е новост. Детоксикацијата им била интересна на луѓето уште во времето на Хипократ, а се практикувала на разни начини низ вековите.

Видови детоксикација

Денес, производите за детоксикација најчесто се чаеви или пијалаци кои се консумираат наместо храна. Таа метода понекогаш започнува со пост или се комбинира со пост. Истражување на разните терапии за детоксикација покажува дека над 75 отсто од нив вклучуваат диететски мерки како консумирање намирници за прочистување.

Дали детоксикацијата функционира?

Краткиот одговор е - не. Рецензија објавена во 2022 година покажала дека диетите за детоксикација не успеале да ги идентификуваат потенцијалните начини за елиминирање на токсините од организмот. Во истата рецензија се посочува и дека програмите за детоксикација се во спротивност со општите начела на човечката физиологија, со оглед на тоа што црниот дроб и бубрезите се прилично ефикасни во отстранување на токсините од организмот.

Претходна анализа од 2015 година на сличен начин заклучила дека нема докази за ефективноста на диетите за детоксикација.

Потенцијална опасност

Консумирањето производи за детоксикација наместо намирниците кои обично ги јадете значи и дека во организмот внесувате многу ниско ниво на килоџули и калории, што може да доведе до значително губење на телесната тежина за кратко време. Но, тоа не е одржлив начин на слабеење и може да предизвика умор или раздразливост. Постои и ризик од неточни информации за состојките што се содржат во производите за детоксикација.

Некои луѓе никогаш не би требало да започнуваат со детоксикација, како лицата со хронични заболувања, проблеми со дигестивните органи, како и постари лица, деца, бремени жени и доилки.

Единствениот позитивен аспект на методите за детоксикација може да биде подигнување на свеста за прехранбените и животните навики кои би можеле да се подобрат, според експертите.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје