X
 28.05.2021 Наша тема

Совети од стручните служби на НОВА: Емоционалната и физичката сигурност на детето се најзначајни при изборот на градинка и училиште

На кои работи треба да обрнете внимание при избор на основно и средно училиште, како и градинка за вашето дете?

Автори: д-р Бела Глигорова, Даниел Канингам, Ивана Брајановска


Изборот на воспитно-образовните институции во кои децата ќе се образоваат, социјализираат и ќе се стекнуваат со различни вештини е многу значаен за нивниот целокупен развој. Почнувајќи од најрана возраст, од изборот на градинка, до основното училиште, а некаде и за изборот на средното училиште, родителите ја носат одлуката каде ќе учат нивните деца. Но, кои се најважните работи на кои треба да се внимава при носењето на таа одлука? Дали и во која мера родителите треба да се потпрат на желбите на детето, особено кога станува збор за изборот на средно училиште? Искуствата на овие теми со нас ги споделија стручните служби на Меѓународното училиште НОВА, кои се одговорни за наставата во средното училиште, основното училиште и градинката во рамките на НОВА.

Директорката на средно образование во НОВА, Бела Глигорова, истакнува дека надвор од удобноста на домашната средина, училиштата се првата интеракција на детето со надворешниот свет. Од тоа како ќе се одвива овој процес на социјално и емоционално интегрирање на учениците во новата училишна средина, во голема мера зависи и понатамошниот академски развој. Затоа, безбедноста на училишната средина треба да биде клучен приоритет за наставниот кадар и за раководителите на образовните институции.

Според Даниел Канингам, помошник-директор за средно образование во НОВА, училиштата треба да се безбедна средина за учениците затоа што тоа е заедницата надвор од домот каде што тие поминуваат поголем дел од денот, што е особено важно за нивниот севкупен развој, а особено за нивната способност да се стекнат со самостојност. Обезбедувањето безбедна средина го олеснува овој процес овозможувајќи им на учениците полесно да учат, осознаваат, истражуваат, преземаат ризик и да растат во средина во која се чувствуваат прифатени.


Даниел Канингам

Постои ли најсоодветна возраст кога може да се разговара со детето за неговите желби за тоа каде сака да учи? Глигорова се повикува на теоријата на еден од водечките едукативни мислители од Велика Британија, д-р Сем Баарс, дека треба да се стави акцент на „патувањето наместо на дестинацијата“. Честопати, дури и најдобро осмислените програми за академско советување го насочуваат вниманието на учениците кон името на областа или идната професија, наместо да се фокусираат на тоа што е добро за нив или на тоа што го очекува ученикот. Овие разговори се добредојдени и треба да се практикуваат уште во основно училиште во рамките на училишните структури и да го афектираат индивидуалниот раст и развој наместо академскиот успех. Од перспектива на семејството, клучно е во фокусот на разговорите со учениците да бидат целите кои очекуваат да ги остварат преку својата кариера или, пак, можноста за остварување целосна независност.


Д-р Бела Глигорова

Во целиот процес на избор, успехот по одредени предмети и треба и не треба да е клучен фактор. Глигорова објаснува дека за младите што го завршуваат своето образование во училишна средина која не поддржува учење засновано на истражување, навистина не прави разлика ако еден ученик е „добар само по математика“ наспроти „да е одличен по англиски“. Оттука произлегува и четиригодишната посветеност кон добрите оценки, наместо кон севкупното гимназиско образование. Така, учениците кои претходно биле дел од образовни модели кои поттикнувале пристап управуван од оценки, односно успех заснован на резултати од тестирања, треба помалку да размислуваат за предметната област во која се тестирале, а повеќе за личноста во која се развиваат и како се гледаат себеси за време на нивните средношколски години. Ваквите прашања треба да ги артикулираат самите ученици и нивните семејства. Глигорова дава еден долгорочен совет: учениците што е можно подобро да се информираат и охрабрат да размислуваат за тоа како сакаат да изгледаат нивните следни четири години - не само од образовна/академска перспектива, туку уште поважно од аспект на социјалните, емоционалните, географските околности.
Како многу корисна вежба за родителите што сакаат да им помогнат на децата подобро и пореално да ги согледаат сопствените интереси, Канингам го посочува начинот што го користат кај нивните ученици, односно „планирање одназад“. Тоа значи дека ги охрабруваат да размислуваат за тоа што и каде сакаат да бидат, а потоа да размислуваат наназад за тоа што сè треба да постигнат за да дојдат до посакуваната цел. Овој процес помага да се охрабрат учениците да бидат флексибилни и трпеливи, кои преку моменталните случувања размислуваат за долгорочните цели. Овој вид вежба може да биде ефикасна независно од тоа дали детето размислува какво хоби да избере или каква кариера сака да гради во иднина.

Глигорова вели дека истражувањето на идното училиште е релевантен фактор во носењето конечна одлука, а доколку семејствата имаат можности да се консултираат со кариерни советници, тоа може да има корисен удел во севкупниот процес на истражување. Ако семејството нема пристап до таков вид советување, постојат многу други работи кои може да се направат во домашни услови, како на пример креирање првична листа на институции кои би можеле да дојдат предвид. Процесот на селекција на училиштето треба да започне и да заврши со заеднички именител - да бидат земени предвид критериумите кои се заеднички или се надополнуваат и кај ученикот и кај родителите, а кои се сметаат за клучни за соодветниот процес на раст и развој на ученикот.
При носењето конечна одлука за училиштето, Канингам смета дека е невозможно да се одвои туѓото искуство со конкретното школо од личните, директни искуства со тоа училиште. Наместо родителите да пристапат селективно кон информации што ги имаат за една училишна заедница, тој ги охрабрува да размислуваат како да дојдат до што повеќе информации, од што е можно повеќе извори и области на училишната заедница бидејќи континуитетот и постојаноста се нештата кои му помагаат на детето да се чувствува безбедно.
Чувството на сигурност во школската средина е од огромно значење и за децата во основно училиште, но и во градинка, бидејќи тоа им овозможува непречено да учат, а воедно им помага и во процесот на социјализација.

Ивана Брајановска, програмска директорка на основното училиште при НОВА, истакнува дека без тоа чувство, честопати се создаваат блокади кои го спречуваат процесот на учење, односно детето се повлекува, се срами, го доживува училиштето како стрес и сл.


Ивана Брајановска

Постоењето на веќе познати другарчиња во училиштето или градинката придонесува за чувството на безбедност во таа средина. Сепак, училиштето и градинката се средини во кои детето учи да стекнува нови пријателства и да се социјализира и поради тоа, познатите другарчиња не треба да се пресуден фактор во изборот на училиште. Во делот на развивање љубов кон училиштето, исклучително значаен фактор се и воншколските активности кои на децата им даваат можност за развој на различни полиња. Колку е побогата понудата на воншколски активности, толку се поголеми шансите да се откријат сите постојни предиспозиции кај детето.

При изборот на градинка родителите да ја изберат онаа каде што детето ќе се учи на истражување, љубопитност и самостојност. На пример, преку игра и интересни теми, децата во градинката во НОВА се поттикнуваат да прашуваат, да размислуваат, да претпоставуваат, да истражуваат и сами да донесат заклучоци. Концептите се предаваат преку конкретни поими со употреба на едукативни играчки, па се преоѓа на сликовити поими, за на крај да се стигне до апстрактните. При носењето на крајната одлука за изборот на училиште и градинка, секој родител треба да сослуша и побара различни видувања и искуства, но никако не треба да се потпира само врз нив бидејќи нема подобро искуство од директното искуство со конкретната институција.

*Текстот е изработен во соработка со меѓународното училиште НОВА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема