Децата со потешкотии во развојот често се несфатени од страна на општеството. И иако некогаш може да се разбере дека тоа е поради незнаење или страв, родителите сигурно не би очекувале да немаат поддршка од оние кои се посветиле (и заколнале) на чувањето на животот - лекарите
Меѓутоа, некогаш токму тоа е случајот. Затоа мајката на малата Емерсин Фејт, девојче со Даунов синдром кое има 1 и пол година, одлучила да напише писмо до својот гинеколог и да му објасни на човекот кој требал да ѝ биде поддршка низ девет месеци бременост, затоа што е страшно да ѝ се каже на една мајка да направи абортус бидејќи нејзиното дете „не е во ред“.
Така, на крајот на мај, Кортни Бејкер, заедно со својата ќеркичка, конечно го доставила писмото до лекарот кој во текот на бременоста ѝ посочил дека нејзиното дете ќе се роди поинакво, а потоа ја советувал да ја прекине бременоста.
Драг докторе,
Неодамна пријателка ми раскажа како за време на секој ултразвук нејзиниот лекар ѝ велел: „Совршен е“. Кога родила момче со Даунов синдром, отишла кај истиот лекар и го погледнала, а тој го погледнал момчето и рекол: „Ви реков. Совршен е.“
Нејзината приказна ме погоди. Иако бев благодарна што дознав за нејзиното искуство, истовремено почувствував некаква горчина во устата поради тоа низ што јас поминав. Барем вие да бевте тој лекар.
Дојдов кај вас во најтешкиот момент на мојот живот. Бев престрашена, збунета, очајна. Тогаш уште не ја знаев вистината за моето дете и баш ваквата поддршка беше тоа што ми требаше. Но наместо тоа, наместо охрабрување, вие предложивте да абортирам. Ви го кажав нејзиното име, но вие повторно прашавте дали сум свесна каков низок квалитет на живот го очекува детето со Даунов синдром. Потоа, повторно, предложивте уште еднаш да размислам за одлуката за прекинување на бременоста.
Од таа прва посета, се плашев од секој термин за преглед, секоја следна средба. Најтешкиот период во мојот живот стана речиси неподнослив бидејќи никогаш не ми ја кажавте вистината: моето дете е совршено. јас не сум лута на вас. Не сум огорчена. Јас само сум бескрајно тажна. Тажна сум бидејќи малите срца кои ги гледате секој ден не ве исполнуваат со постојана радост. Тажна сум бидејќи не се чудите секогаш набљудувајќи го тој сплет од преслатки мали прсти, бели дробови и очи и уши. Тажна сум бидејќи толку згрешивте дека дете со Даунов синдром ќе го намали нашиот квалитет на животот. Срцето ми се крши при мислата дека тие исти зборови можеби ги изговарате на некоја мајка денес, повторно. Но најтажна сум поради тоа што никогаш нема да ја имате таа чест да ја запознаете мојата ќерка, Емерсин.
А, гледате, Емерсин не само што го смени нашиот живот, го подобри и го направи поквалитетен, туку и ги добре срцата на илјадници други луѓе. Таа му даде цел на нашиот живот и радост која не може да се опише со зборови. Ни ги подари најголемите насмевки и повеќе смеа и бакнежи отколку што можевме некогаш да замислиме. Таа ни ги отвори очите за вистинската убавина и најчистата љубов.
Сега се молам ниту една мајка да не помине низ ова нив што јас морав. Се молев и вие со секој ултразвук кој следува да ја погледнете вистинската убавина и чистата љубов. И се молам следниот пат, кога ќе видите бебе со Даунов синдром во мајчин стомак, погледнете ја таа жена во очи и кажете ѝ ја вистината: „Вашето дете е совршено“.