X
 03.10.2017 Наука

Доењето има неверојатно влијание врз развојот на детскиот мозок


Бебиња и мозоци
(Фото: Brown University)



Многубројни студии покажуваат дека доењето има вонредно позитивно влијание врз развојот на мозокот, а потврдуваат и многу експерти, но најновата докажа дека децата на возраст до 2 години кои исклучиво биле доени барем три месеци имаат подобро развиени клучни делови од мозокот во споредба со бебињата што биле хранети со адаптирани формули или комбинирано (доење и формула).

Новата истражувачка студија од Универзитетот „Браун“ била спроведена со користење посебен вид магнетна резонанција, погодна за бебињата, за да се следи развојот на мозокот кај деца помлади од 4 години.

Подобрениот развој бил најизразен во деловите на мозокот задолжени за јазик, емоционални функции и когнитивен развој, покажа студијата.

„Бихевиоралните студии порано пронајдоа врска меѓу доењето и подобрите когнитивни резултати кај постарите адолесценти и возрасните, но ова е првата студија што укажува на разликите во развојот на мозокот кај здрави и многу мали деца, а во врска со доењето“, изјавил Шон Деони, асистент на Универзитетот „Браун“ и главен автор на студијата.

„Сакавме да видиме колку рано се случуваат овие разлики во развојот на мозокот“, истакна тој. „Докажавме дека тие се случуваат речиси од самиот почеток.“

Деони се наоѓа на чело на Лабораторијата за бебиња на Универзитетот „Браун“. Заедно со колегите, тој користи бесшумни апарати за магнетна резонанција (МРИ) кои ги снимаат мозоците кај бебињата додека спијат. МРИ, техниката која ја разви Деони, ја анализира микроструктурата на белата материја во мозокот, односно ткивата што содржат долги нервни влакна и им помагаат на различните делови од мозокот меѓусебно да комуницираат. Попрецизно, оваа техника го испитува количеството миелин, масна материја која се наоѓа околу нервните влакна и ги забрзува електричните сигнали кои се собираат околу мозокот.

Промените што се случуваат „речиси од самиот почеток“ покажуваат дека количината на миелин се зголемува благодарение на доењето. Промените во мозокот што се развива почнуваат многу рано.

Деони и неговиот тим набљудувале 133 бебиња на возраст од 10 месеци до 4 години. Сите деца имале нормално гестациско време и доаѓале од семејства со сличен социо-економски статус. Истражувачите ги поделиле децата во три групи: во првата биле децата што исклучиво биле доени барем до тримесечна возраст, во втората биле децата што биле хранети и со мајчино млеко, но и со формула, а во третата – деца што биле хранети исклучиво со формула. Истражувачите ги споредувале постарите со помладите деца за да направат крива на растот на белата материја од мозокот, за секоја група.

Студијата покажа дека групата во која децата биле исклучиво доени имала најбрз раст на миелинот (белата маса). Групата во која децата се хранеле комбинирано имала поголем раст на миелинот во споредба со децата што исклучиво се хранеле со формула, но помал од доените деца.

„Разликите во растот на белата материја кај доените и кај децата што не биле доени се движат во опсег од 20 до 30 проценти“, истакна Деони. „Сметам дека е изненадувачки дека постои толкава разлика на толку мала возраст.“

Деони и тимот ги поткрепиле овие резултати и со податоците од резултатите од основните когнитивни тестови кај постарите деца. На овие тестови доените деца покажале подобри јазични способности, вид и контрола на моториката.

Студијата исто така се занимавала и со тоа какви ефекти има траењето на доењето врз развојот на мозокот. Истражувачите ги споредувале бебињата што подолго биле доени со оние што добивале мајчино млеко во пократок период и откриле дека мозокот кај подолго доените бебиња е значително поразвиен – особено во деловите од мозокот што се одговорни за моторичките функции.

Деони вели дека овие откритија се само дополнување на значителниот број истражувања кои пронаоѓаат позитивна врска меѓу доењето и развојот на мозокот кај децата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука