X
 28.06.2018 Наука

На најстуденото место на Земјата боли и кога дишете

Колку студено може да биде на Земјата? Очигледно, постудено отколку што можеме да замислиме. Ново проучување на податоците од сателитите покажува дека долините во големите глечери на Антарктикот може да достигнат температура од приближно минус 100 Целзиусови степени.

Ова е значително под претходниот рекорд од -93 Целзиусови степени, кои претходно беа забележани во истата област. Новата најниска температура е -98 Целзиусови степени, температура која, според меѓународниот тим истражувачи што работеле на новата студија, изгледа е најниската што може да се достигне.

- Никогаш не сум бил во толку студени услови, а се надевам и дека никогаш нема да бидам. Ми кажаа дека секој здив боли и дека мора да сте многу внимателни да не ви замрзне дел од грлото или од белите дробови додека вдишувате - вели Тед Скамбос, еден од истражувачите.

Толку ниски температури може да има во мали џебови на ледот, покажуваат сателитските читања, на длабочина од три метри.

Ова не е исто со најниската температура измерена користејќи инструменти на земја. Таа чест ѝ припаѓа на руската станица „Восток“, исто така во источниот дел од антарктичкото плато, каде што се забележани -89 Целзиусови степени.



Станицата „Восток“
Фото: Science Alert

Новите температури се вчитани од далечина, од сателитите во вселената, и научниците сакаат двете мерења да се разликуваат - тука зборуваме за температурата на површината на Земјата, не само за воздухот над земјата, чија температура би ја измерила вообичаена метеоролошка станица.

Двата типа мерење се корисни за научниците. Метеоролошките станици можат да ги забележат условите точно какви што се, но сателитите можат да покријат поголеми површини.

Истражувањата покажуваат и како всушност доаѓа до овие рекордно ниски температури. Дополнително на чистото небо и благите ветрови, воздухот треба да биде и екстремно сув за температурите да бидат толку многу ниски. Секое испарување го загрева воздухот, но многу малку.

Екстремно сув и студен воздух влегува во џебовите на ледот и воздухот станува уште постуден додека не се променат временските услови.

Со оглед на тоа дека оваа екстремно ниска температура е забележана на неколку места на глечерот, на растојание и од стотици километри, научниците мислат дека тоа е најниската температура што може да се достигне на Земјата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука