X
 16.01.2019 Наука

Антарктикот се топи и на места за кои мислевме дека се безбедни

Глечерите на Антарктикот во текот на изминатите четири децении се топат со голема брзина поради приливот на топла океанска вода - ново откритие за кое истражувачите велат дека би можело да значи дека нивоата на морињата во следните децении би можеле да се зголемат побрзо отколку што се предвидуваше.

Секоја година од 1979 до 1989 година Антарктикот губел по 40 милијарди тони мраз, кој се топел во океанот. Таа бројка се зголемила на 252 милијарди тони годишно од 2009 година, покажува нова студија.

Тоа значи дека регионот губи шестпати повеќе мраз за разлика од пред четири децении, што е невидена брзина во ерата на модерни мерења. Инаку, потребни се околу 360 милијарди тони мраз за да се создаде зголемување од еден милиметар на глобалното ниво на морето.

Според Ерик Ригнот, научник од Универзитетот во Ирвин, Калифорнија, слабостите што истражувачите ги откриле во Источен Антарктик - домот на најголемата ледена површина на планетата - заслужуваат подлабоко проучување.

- Местата што се подложни на промени на Антарктикот не се ограничени на само неколку точки. Тие изгледаат пообемни отколку што мислевме. Тоа, според мене, изгледа како причина за загриженост - вели тој.

Откритијата се последниот знак дека светот би можел да се соочи со катастрофални последици ако климатските промени продолжат со иста жестина. Дополнително на пофреквентните суши, топлотните бранови, суровите бури и други екстремни временски услови кои може да дојдат додека Земјата се загрева, научниците веќе предвидија дека морињата би можеле до 2100 година да се зголемат за околу 90 сантиметри на глобално ниво доколку светот остро не го намали испуштањето на јаглерод.

Но, во последните неколку години има сè поголеми грижи дека Антарктикот би можел дополнително да го зголеми тоа.

Таквиот вид зголемување на нивото на морето би резултирал со потопување на островските заедници низ светот, уништувајќи ги флората и фауната и претставувајќи закана за резервите на питка вода.


Ескалирачката брзина на загубата на антарктички мраз
Годишни загуби во милијарди метрички тони. Секои 360 милијарди тони се еднакви на зголемување на нивото на морето за еден милиметар
Фото: Science Alert


Западниот дел од Антарктикот е најголемиот „губитник“. Истражувањето го потврдува тоа, посочувајќи дека еден глечер, Пајн Ајленд, загубил повеќе од билион тони мраз од 1979 година.

Сепак, најфрапантното откритие во студијата е процената дека Источен Антарктик, кој има најмногу мраз на целиот континент, исто така се соочува со сериозно топење.  
Новото истражување посочува дека некои масивни глечери, оние што досега биле проучувани многу малку, губат значителни количини на мраз.  
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука