Учењето странски јазик може да биде навистина тешко. Воодушевувачки е кога ќе слушнеме како некои луѓе зборуваат 10, па дури и 30 јазици. Кога ќе ги земеме предвид предизвиците на умот, не е чудно што повеќето од нас гледаат на учењето нов јазик како на задача која бара многу труд.
Имаме многу различни системи на меморија и совладувањето различен јазик бара ангажирање на сите. Сепак, се смета дека тоа е најдобриот тренинг што може да го добие нашиот мозок. Повеќе студии покажале дека ако зборувате повеќе јазици, ви се подобруваат концентрацијата и меморијата, а сето тоа помага и во превенцијата од деменција.
Многу експерти сметаат дека е подобро што порано да се започне со изучување странски јазици, уште во детството, поради намалувањето на способностите во текот на годините, но има и такви што не се согласуваат. Како полиглотите успеваат да научат толку многу јазици? Некои од нив велат дека се работи за способноста за анализирање и интелигенцијата кај луѓето, која е еден од факторите при успешно совладување странски јазик.
Но, важна е и длабочината на нашиот карактер. Една од теориите за совладување странски јазик е онаа дека новиот јазик предизвикува повторно да си дадете смисла за себеси, а најдобрите лингвисти обично се добри во земањето нови идентитети. Станувате културолошки камелеон, велат некои од лингвистите. Психолозите долго време тврдат дека зборовите што ги искажуваме се поврзани со нашиот идентитет. Клише е дека францускиот јазик ве прави поромантични или италијанскиот пострасни, но јазикот е поврзан со културните норми и може да влијае врз начинот на кој се однесуваме. Така, полиглотите често присвојуваат различни однесувања врз основа на јазикот што го зборуваат во моментот.
Различните јазици исто така може да предизвикаат сеќавања на различни спомени од животот, вели писателот Владимир Набоков, кој ова го открил додека работел на својата автобиографија. Прво ја напишал на англиски јазик, со тешкотии, па открил дека неговите сеќавања се приспособени на руски, но бил принуден да ги приспособи на англиски јазик. Кога ја пишувал автобиографијата на руски јазик, открил дека неговите сеќавања почнуваат да се развиваат со нови детали и перспективи.
Познато е дека ако се идентификувате со некого, полесно можете да го имитирате, а тоа е процес кој ќе помогне во ефикасно учење јазик. Некои сметаат дека квалитетот на времето потрошено на учење на јазикот е есенцијално, особено во однос на емоционално значење. Исто така, полиглотите советуваат дека најважно е да се обидувате да имитирате некого без да обрнете внимание на спелувањето на зборовите. Сите можат да слушаат и да повторуваат, а тоа е круцијалниот дел од процесот.
Меѓу советите е и обрнувањето внимание на фацијалните изрази бидејќи тие можат да бидат важни за производството на звуците. На крајот, според нив, најважно е да се надмине срамот поврзан со производството на „чудни звуци“, бидејќи треба да се сфати дека тоа што е странско за нас, за некого е нормално и е мајчин јазик. Се разбира, треба да се потенцира дека е многу важно и да се вежба често, а се препорачуваат 15 минути вежби, 4 пати на ден. Ако сте премногу зафатени за класични задачи, слушајте музика на
јазикот што го учите.