X
 28.06.2019 Живот

Студентите на МСУ спроведоа интервју со параглајдеристот Борјан Јовановски

Ви го претставуваме интервјуто со параглајдеристот Борјан Јовановски, кој е и дипломиран студент на Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“ , преку кое ќе може да дознаете каков спорт е параглајдингот.

Колку време се занимаваш со параглајдерство?


Со параглајдерство се занимавам десет години, поточно од мои четиринаесет години.

Што те поттикна да се занимаваш со овој спорт?


Со овој спорт исто така се занимаваат мојот татко и мојот брат, па како мал, гледајќи ги како уживаат во небесните висини, достигнувањето одлични резултати доведе да се појави желба и јас да пробам да летам. Мојот прв лет во тандем го направив на шест години заедно со мојот татко, а воедно и инструктор.

На колку натпревари имаш учествувано и колку награди имаш добиено досега?


Досега имам учествувано на повеќе од шеесет натпревари, а на повеќе од половината сум бил на пиедестал.

1

Во која категорија се натпреваруваш и кој е твојот моментален пласман?


За разлика од другите спортови, во параглајдерството нема возрасни категории, сите натпреварувачи се натпреваруваат заедно во иста категорија, и оние повозрасните и оние помладите заедно.

Во параглајдерството постојат неколку дисциплини и тоа:

- прецизно слетување
- прелети
- акробации
- моторно летање.

Јас се натпреварувам во првите две дисциплини, прецизно слетување и прелети. Мојот моментален пласман е трето место на светската ранг-листа.

Какви импресии имаш од последниот натпревар?

Последниот натпревар беше Европскиот куп во Романија, временските услови беа доста тешки поради термиката и промената на правецот на ветер, каде што го освоив второто место. За мене тоа беше искуство на нов терен, со доста голема конкуренција, а воедно сум задоволен и од резултатот.

Какво е чувството да се лета?


Хмм... едно од најпоставуваните прашања е „Какво е чувството да се лета?“

Нема зборови со кои може да се опише, но ете фактот за тоа дека „летањето е човековиот сон“ барем малку може да долови од чувството и значењето да се лета.

Кои се предусловите за еден млад човек да почне да се занимава со параглајдерство?


Да има полни шеснаесет години и да биде во добра психо-физичка состојба.

2

Како МСУ ти помогна да ја живееш својата визија?

За успешноста на еден спортист се битни желбата за успех, тренингот, опремата, финансиската поддршка. МСУ ми помогна со снабдување нова опрема за параглајдинг, со која последователно се остварија голем број  одлични резултати, пиедестали на светски, европски купови, балкански првенства.

Каде се гледаш во иднина?


Во иднина се гледам како спортист кој ќе го достигне врвот на Светската ранг-листа и како инструктор на многу нови ученици за параглајдинг, особено од нашата земја. А покрај тоа и како магистер по економски науки со соодветно работно место.

Што ќе им порачаш на помладите што сакаат да се занимаваат со параглајдерство?


Секако, да пробаат параглајдинг, а тоа најлесно можат да го направат со тандем-лет.

Ви благодариме!

Интервјуто е спроведено од студенти на Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот