Оваа година Марк Закерберг постојано ѝ се извинуваше на јавноста поради недостатоците на „Фејсбук“ или погрешните потези што ги презело лидерството на оваа социјална мрежа, но во најновото ексклузивно интервју за „Си-ен-ен бизнис“ тој зазема сосема различен став.
Закерберг верува дека „Фејсбук“ има позитивно влијание врз општеството, не смета дека е потребна промена на врвот на „Фејсбук“ и мисли дека оваа социјална мрежа може да се соочи со проблемите, како лажните вести или манипулацијата со информациите во текот на американските избори.
- Многу критики беа оправдани. Но, ако зборуваме искрено, постои и поширока слика, ние имаме поглед кон светот што се разликува од погледот од оние што известуваат за нас. Навистина, постојат некои поголеми проблеми. Не тврдам дека нема. Но се чини дека медиумите се концентрирани само на недостатоците на „Фејсбук“, а не на целата слика. „Фејсбук“ е многу повеќе од тоа - објаснува Марк.
Разговорот со него се случи по минатонеделната истрага на „Њујорк тајмс“ во која оваа компанија е осомничена за занемарување или криење на вмешаноста на руските служби во мрежата, како и дека „Фејсбук“ изнајмила компанија за односи со јавноста што всушност се занимавала со барање информации што можат да ѝ наштетат на конкуренцијата на „Фејсбук“.
- Истрагата воопшто не ми изгледа правилна. Разговаравме со новинарите за сите наведени обвиненија што се споменуваат во истрагата, јасно кажавме дека ништо од тоа не е вистина, а тие сеедно, објавија - вели Закерберг.
Се осврна и на причината поради која водството на „Фејсбук“ во 2015 година не го отстранило контроверзниот статус на Доналд Трамп за муслиманските имигранти.
- Мислам дека е важно да им се овозможи на луѓето да го слушнат она што го зборуваат нивните политички лидери - објаснува тој.
Истрагата од „Њујорк тајмс“ не е единственото нешто што го мачи Закерберг. И претходно се соочувал со многу проблеми и пропусти, како вмешаноста на руските служби во изборите, скандалот со компанијата „Кембриџ аналитика“ и проблемите со безбедносната заштита на податоците на милиони корисници на социјалната мрежа.
Вредноста на акциите падна за 40 отсто во јули, во споредба со периодот кога „Фејсбук“ се рангирал најдобро. Инвеститорите се загрижени за проблемот со заштитата на личните податоци, како и предупредувањето на компанијата дека ќе ја стави приватноста на прво место, а тоа би резултирало со помал број реклами.
Не мисли да се откаже од позицијата извршен директор
Закерберг нема намера да направи промени на врвот на „Фејсбук“. Тој не мисли да ја напушти функцијата извршен директор, ниту пак да ја смени Шерил Сандберг, главната оперативна директорка на „Фејсбук“.
- Шерил има важна улога во компанијата и одговорно ги работи најголемите проблеми со кои се соочивме. Таа ми е деловен партнер веќе 10 години. Горд сум за сѐ што направивме заедно и се надевам дека ќе соработуваме и во наредните 10 години - вели Закерберг.
Тој верува во позитивното влијание на оваа социјална мрежа.
- Сѐ повеќе луѓе ќе можат да се изразат и да го кажат она што го мислат. Сметам дека тоа е добра работа. Секако, секогаш ќе има проблеми со кои ќе мора да се соочиме. Но, не смееме да ги заборавиме сите оние добри работи што се случуваат - рече
Закерберг.