X
 30.07.2024 Живот

Основачот на „Опен АИ“ им давал пари на илјадници луѓе без услови - еве што се случило

Експерименталниот проект финансиран од коосновачот на „Опен АИ“, милијардерот Сем Алтман, трае веќе осум години. Тој ја тестира визијата на утопијата: Што ако сите во светот добиваат пари редовно, без никакви услови?

Универзалниот основен приход е еден од првите концепти тестирани од „Опен рисрч“, лабораторија поврзана со „Опен АИ“, во која Сем Алтман лично инвестира десетици милиони долари во обид да ја обликува иднината за која смета дека е неповратно променета со појавата на вештачката интелигенција. Сега проектот ги објавува резултатите од тестот од големи размери, во кој тие им поделија 45 милиони долари на илјадници луѓе низ Америка во, како што велат, „најсеопфатната студија“ во историјата на гарантираниот приход.

Трошеле за основни потреби, лекување и помагање на другите

Резултатите од студијата биле објавени во два труда објавени од Националното биро за економски истражувања на САД. За целите на тестирањето, 3.000 учесници од државите Тексас и Илиноис биле избрани по случаен избор и добивале месечна стипендија од 1.000 или 50 долари. Целта на истрагата била да се открие како би се променил животот на луѓето доколку сите би добивале мали суми пари без услови. Првичните резултати откриваат како учесниците ги трошеле парите за основни потреби, лекување или помагање на други. Трудовите што ќе бидат објавени подоцна ќе се фокусираат на теми како што се деца, мобилност, криминал или политика.

Некои технолози сè уште се скептични. Компјутерскиот научник и „кум на виртуелната реалност“ - Јарон Ланиер не се согласува со Алтман и другите што ја поддржуваат социјалната помош субвенционирана со вештачка интелигенција. Ланиер изјавил дека во обид да се создаде поголема еднаквост во општеството, основниот приход може да го централизира овој проток на богатство. Тој стравува дека технолошките експерти испраќаат пораки оти одреден сектор од човечката раса наскоро може да стане вишок.

- Луѓето нема да речат „многу си дарежлив“, ќе речат: „Те мразам, ти ми кажуваш дека си потребен, а јас не, дека зависам од твојата дарежливост“.

Алтман е познат по тоа што ги оживува своите визии преку чиста сила на волјата, понекогаш по голема цена, што го направи поларизирачка фигура во технолошкиот свет. Во 2019 година Алтман ја основа „Ворлдкоин“, крипто-компанија за скенирање на ирисот, за која тврдеше дека ќе создаде „глобална валута во колективна сопственост, која ќе биде правично распределена меѓу што е можно повеќе луѓе“. Проектот досега не ја исполни својата цел да привлече една милијарда корисници до 2023 година и беше проследен со голем број контроверзии. Сега кога тој е на чело на најмоќната компанија за вештачка интелигенција во светот, тешко е да се замисли дека дури и најдобронамерниот истражувачки проект би можел да остане имун на влијанието на Алтман.

Алтман донирал 14 милиони долари

„Опен рисрч“ и неговите соработници собрале околу 60 милиони долари. Од нив, 10 милиони долари дошле од непрофитната група на „Опен АИ“, додека Алтман донирал 14 милиони долари. Меѓу инвеститорите се и коосновачот на „Твитер“ и застапник за основни приходи Џек Дорси, кој дал 15 милиони долари, како и коосновачот на Гит лаб“, Сид Сијбрандиј, кој донирал 6,5 милиони долари. Проектот, исто така, добил грантови од околу 1,1 милиони американски долари од Националниот институт за здравство и Фондацијата за наука.

Овие пилот-проекти требало да откријат потенцијални проблеми што би можеле да се појават во идни, поголеми тестови. Околу една година помалку од сто луѓе добивале по 1.500 долари месечно. „Опен рисрч“ не открива кои поединци го финансираат проектот, но нагласува дека целта на пилотот е подобро да се разберат работите како што се регрутирање и префрлање пари на луѓе кои немаат банкарски сметки.

Последното тестирање, во кое учествувале 3.000 луѓе, траело од ноември 2020 до октомври 2023 година. Речиси 40.000 луѓе одговориле на 1,1 милион промотивни летоци испратени на адреси во Тексас и Илиноис. Регистрираните биле на возраст меѓу 21 и 40 години, а приходите на нивните домаќинства не надминувале 300 отсто од федералната граница на сиромаштија. Тие биле избрани од урбаните и руралните средини, како и од приградските населби. На третина им биле доделени по 1.000 долари месечно, додека преостанатата контролна група добивала 50 долари месечно.

Една од учесниците, Кара, боледува од ретко нарушување на нервниот систем што ја спречува да работи. Таа била на социјална помош некое време и морала да го продаде својот имот.

Кара почнала да добива по 1.000 месечно и вели дека овие месечни исплати ѝ го намалиле чувството на паника. Најопштото откритие на студијата е дека парите создаваат флексибилност - способност да се биде поселективен кога барате работа, добивате медицинска нега или им помагате на членовите на семејството со нивните трошоци. Учесниците потрошиле повеќе пари за храна, кирија и превоз - покажале резултатите.

- Она што најмногу ме изненади беше тоа што, во споредба со контролната група, најголемото зголемување на трошоците беше за финансиска поддршка на другите - истакнала Карина Дотсон, менаџер за истражување и увид во „Опен рисрч“.

Таа вели дека учесниците ги користеле средствата за подароци и заеми, донирани во добротворни организации или им помагале на членовите на семејството.

Ставовите на Алтман за основниот приход се чини дека се развиваат. Пред неколку месеци тој претстави нова идеја за човечката раса: финансиски дивиденди што секој би ги добил од големите јазични модели како „Чет-ГПТ“. Тој не објаснил како и зошто ќе функционира тоа, но одлучил дека ќе се нарекува „универзална основна пресметка“.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Wikipedia

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот