X
 28.06.2023 Живот

Финска ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата

Финска, која е позната по одличните резултати на тестовите за училишна способност ПИСА, сака да го промени моменталниот опаѓачки тренд и да промовира фокусирана средина за учење така што ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата.

Програмата за меѓународно оценување на учениците ги оценува резултатите од учењето на 15-годишниците по математика, наука и читање. Перформансите на учениците на Финска го достигнаа врвот во 2006 година, но оттогаш забележаа пад на резултатите.

За да се реши ова, програмата на новата десничарска финска Влада е насочена кон преземање мерки за решавање на проблемот со влошените образовни резултати и ветува финансирање од 200 милиони евра за основно образование за да се осигури дека учениците ќе ги стекнат основните вештини во читање, пишување и математика.

Но, само парите не се доволни, според финската Влада, која сега сака да ги таргетира и мобилните телефони на учениците.

- Владата ќе ги зајакне овластувањата на наставниците и директорите да интервенираат во активности кои ја нарушуваат наставата за време на училишните часови. Ќе ги направиме потребните законски измени за да овозможиме поефикасни ограничувања во случаи како што е употребата на мобилни уреди во текот на училишниот ден, така што учениците и студентите ќе можат подобро да се концентрираат на наставата - изјави Владата.

Во Финска мобилните телефони имаат голема важност, која е длабоко поврзана со успехот на „Нокиа“. Децата во оваа земја се опремени со мобилни телефони уште на рана возраст во споредба со врсниците од другите земји, при што многу деца поседуваат телефон уште кога ќе тргнат на училиште.

И покрај загриженоста на едукаторите во врска со штетните ефекти на овие уреди врз вниманието и концентрацијата, постојните регулативи поставени од Финската национална агенција за образование не ги овластуваат училиштата да ги ограничат учениците да носат мобилни уреди во училниците.

Но, Владата е подготвена за промена.

Се чини дека финските носители на одлуки собраа значителна поддршка од јавноста, како што беше потврдено од неодамнешната граѓанска иницијатива која собра повеќе од 30.000 потписи барајќи да се спроведат мерки како што се исклучување на мобилните телефони за време на часовите и паузите или целосна забрана за време на наставата.

Извор: Euractiv.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот