Злоупотребата и врсничкото насилство во училиштата во Франција стануваат кривично дело казниво до три години затвор. Така, учениците-насилници би можеле да завршат зад решетки со казна до 45.000 евра. Доколку жртва на насилство биде убиена или се обиде да изврши самоубиство, максималната казна може да се зголеми на 10 години и 150.000 евра.
- Никогаш нема да прифатиме дека животите на нашите деца се уништени. Се проценува дека дури едно од 10 деца во Франција е погодено од малтретирање, а социјалните мрежи ја зголемуваат можноста за јавно исмејување и понижување - изјави Жан Мишел Бланкер, француски министер за образование.
Една од најтешките казни во светот
Новиот закон треба да биде усвоен во февруари, со кој Франција ќе ги донесе некои од најстрогите казни за врсничко насилство во светот.
- Овој закон ќе испрати силна порака, но и голем шок дека треба да ја подигнеме свеста за погубните ефекти од врсничкото насилство - изјави пратеникот Ерван Баланант.
Дел од пратениците сепак сметаат дека ваквите казни се преригорозни за студентите.
- Не се работи за испраќање деца в затвор. Постои систем за малолетничка правда кој ги зема предвид возраста на обвинетиот и способноста за расудување - објасни Баланант.
Новиот закон ќе важи за децата и возрасните во училиштата, но и на универзитетите, вклучително и студентите и персоналот во мензите и чистачите. Она што ќе се воведе во училиштата со овој пакет закони се програми за учениците, но и за општеството воопшто со цел да се подигне свеста за врсничкото насилство.
Неколку случаи на малтретирање кои завршија со трагедија се најдоа на насловните страници во Франција оваа година, вклучувајќи го и самоубиството на 14-годишно девојче во источниот регион Алзас во октомври. Мајката на девојчето изјави за локалните медиуми дека нејзината ќерка била изложена на расистичко и хомофобично малтретирање и била изолирана и исклучена од соучениците. Таа била туркана и нејзините работи биле фрлани на земја.
Фото: Freepik