Бојата на вегетацијата на север во Европа се промени во последните месец дена, покажуваат снимките од сателитот „Коперникус Сентинел-3“, што ги објави Европската вселенска агенција. Оваа драстична промена е резултат на топлотен бран, што во последните месец дена го прави северот на Европа невообичаено топол во однос на просечните лета досега.
Сателитските снимки го прикажуваат подрачјето на Ирска, Велика Британија, Холандија, Белгија, Луксембург, Германија и Франција. Првиот дел од снимките е направен на 28 јуни, а вториот дел на 25 јули - разликата е повеќе од очигледна.
Европската вселенска агенција објави снимки и од над Данска и Шведска, што исто така ги зафати бранот и голема суша ова лето, проследена со големи пожари.
Наглите температурни промени се сѐ почести, истакнуваат климатолозите. Поради глобалното затоплување, топлотните бранови забавуваат и се шират кон земјите како Шведска и Канада.