X
 03.08.2021 Наука

Школки изгореле живи на плажите во Канада поради екстремните температури

Топлотниот бран што ја погоди Британска Колумбија, Канада, кон крајот на јуни предизвикал масовно умирање на школки и други морски животни кои живеат на плажите во западна Канада, пишува Си-ен-ен.

Кристофер Харли, професор на Универзитетот во Британска Колумбија, пронашол безброј мртви школки со отворени лушпи кои гниеле на плажата Китсилано, во близина на Ванкувер.

Харли ги истражува ефектите на климатските промени на пределите во кои живеат школките и морските ѕвезди, па затоа сакал да види како топлинскиот бран влијаел врз овие животни. Тој можел да ги помириса мртвите животни на плажата пред да пристигне, изјавил за Си-ен-ен.



Како што објаснил тој, школките се закачуваат на карпите и други површини кои се изложени на сончева светлина за време на ниска осека, но не можат да преживеат на екстремно високи температури.

На крајот на јуни, температурите во Ванкувер надминале 38 целзиусови степени, а на плажата веројатно биле и повисоки. Според Харли, топлотниот бран можеби убил милијарда школки и други морски животни во Салишкото Море.

Извор: CNN
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука