X
 28.08.2018 Живот

Во име на сите нас од деведесет и некоја

Никола Крстиќ е млад српски новинар, чија кратка колумна деновиве масовно беше споделувана на социјалните мрежи, а се однесува на младите родени во последната деценија од минатиот век. Прочитајте ја.

„Што и да фатам денес, што и да почнам да зборувам, за што и да сум читал, каде и да сум се распрашувал, што и да ме интересирало, без разлика колку сестрано знаење сум впивал за злокобните времиња од последната деценија од 20 век - секогаш, ама буквално секогаш во разговор со постари лица го добивам идентичниот одговор: „Не знаеш ти ништо, не си бил роден тогаш!“

Мојата генерација, родена во текот на 1990-ите, наводно ја нарекуваат „милениумци“, со други зборови, станува збор за една, во целост, апатична дечурлана, преполна со незаинтересираност, пасивност и тежнеење кон некој порелаксиран животен поглед.

Но, ако самиот ѓавол овде не ги вмешал своите канџи, ова општество исто така би потпаднало под божем некакво влијание на таканаречениот „здрав миленијализам“. Иако, за наша несреќа, мојата генерација - токму таа која е родена кога се калело злото - ќе стане повеќе како едно поколение на „X-Men“, кое постојано ќе зуи по социјалните мрежи, како и нивните врсници ширум светот, но, наместо на своите ѕидови да стават слики од патувања и фестивали, ќе ставаат простачки фотографии од трибини и од сепаре. Исто така, наместо да дебатираат за некои забавни и културни нешта - тие виртуелно едни на други ќе си вадат очи кој убил повеќе луѓе и колку излажала другата страна за бројот на мртвите.

Нашите хаштази на „Инстаграм“ нема да бидат #aboutlastnight или #foodporn, туку же бидат #kosovoisserbia или #fuckusa. Токму таа наша шизофренија, која така богоугодно ја наследуваме од постарите, кои „знаат сѐ“, има една патетична димензија на примитивно-сељачкиот начин на живот во Србија, матејќи го со брановите на дигиталниот свет.

Поради тоа е гадно да се гледа анималното силување на кирилицата по виртуелните направи, мислејќи дека така се негува српскиот јазик. Затоа нашите патувања во странство ќе бидат исполнети со патриотски симболи. Душа ќе дадеме кога преку она „Work&Travel“ ќе отидеме да црнчиме во далечната Америка, да застанеме под нивното знаме со три прста.

Исто така, во сите можни поп-културни производи параноично ќе гледаме сублимирани пораки на искривениот систем на вредност кои потекнуваат од Западот, но исто така, како и нашите предци, ќе одиме на истиот тој Запад да заработиме пари.

До душа, таа генерациска апатија кај нас е изразена во мрзливост. Нашите приватни, емотивни и пред сѐ егзистенцијални фрустрации, помешани со политичкото и идеолошкото определување, ќе истекуваат низ „Твитер“, давејќи ги неистомислениците со својот став.

Така што - како што еднаш напишав - наместо мојата генерација да трча по светот по секс, квалитетна музика, мамурлаци и раширени зеници, таа ќе трча кон одбрана на Косово, кирилицата, православието и наталитетот на социјалните мрежи.

Затоа, во име на сите нас од деведесет и некоја, ве молам, оставете нѐ на мир.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот