X
 28.09.2018 Технологија

Напад на „Фејсбук“: Проверете дали ви се загрозени податоците

„Фејсбук“ призна дека на неговата мрежа се случило „безбедносно пробивање“ во кое се загрозени податоците на 50 милиони корисници.

Од компанијата јавуваат дека нивните инженери откриле пропуст на 25 септември и дека истрагата за тоа што се случило е во рана фаза.

Според засега достапните информации, во хакерскиот напад, хакерите се послужиле со фејсбук-код што им овозможило да ги преземат профилите на корисниците. Станува збор за функција што на корисниците им овозможува да го видат својот профил на начин на кој им се прикажува на сите останати корисници (опцијата „View as“). „Фејсбук“ го поправи пропустот и ја извести полицијата.

Повеќе од 90 милиони фејсбук-корисници денес наутро морале да се одјават од својот профил и повторно да се најават, што е вообичаена безбедносна мерка кај нападнатите кориснички профили.

Наводно, хакерите ги украле пристапните токени преку кои луѓето остануваат пријавени на своите кориснички профили подолг временски период и не мораат насекое да се логираат. „Фејсбук“ ги ресетирал сите 50 милиони профили, како и профилите на дополнителни 40 милиони корисници, како превентивна мерка.

Корисниците на кои им бил хакиран профилот денес беа повикани повторно да се логираат на својот профил.

-Проблемот сега е решен. Бидејќи само што ја отворивме истрагата, мораме да утврдиме дали се злоупотребени профилите или некои информации. Исто така, не знаеме кој стои зад нападот и од каде се изведени. Приватноста и безбедноста на корисниците ни се важни и жал ни е што ова се случи - напиша шефот за безбедност на „Фејсбук“, Гај Росен.

Хакерскиот напад е последен во низата проблеми со кои компанијата се соочува во последните неколку години и се бори со безбедносните пропусти и обвинувања дека не ги штити доволно личните податоци на корисниците, а од сите скандали најголем беше оној со компанијата „Кембриџ Аналитика“.

За потсетување, „Кембриџ Аналитика“ во 2014 година, преку психолошко прашалник на кој одговориле 270.0000 луѓе ги пробила податоците на 87 милиони корисници на „Фејсбук“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија