Се будите среде ноќ поради силни болки во стомакот мислејќи дека сте јаделе нешто што ви пречи. Секако, веднаш ги внесувате симптомите во пребарувачот и добивате непосредни причини за болката. Храна, камења во бубрегот, воспалено слепо црево. Дали веднаш морате да одите на доктор? За типичните хипохондрици, проверувањето на симптомите онлајн е дупка без дно.
Истражување од Медицинското училиште при „Харвард“ вели дека овие страници се неконзистентни и несигурни, поради што пациентите не можат да се потпрат на нив за да дојдат до точна дијагноза.
Во едно истражување научниците провериле 23 страници што тврдат дека нудат информации за дијагнозата и лекувањето. Тие откриле дека само 34 отсто од страниците нудат точен одговор. Советите што ги даваат за лекување се нешто подобро, и со сигурност од 57 отсто даваат правилен совет. Страниците што дале најточен одговор се „DocResponse“ (50 отсто), „Family Doctor“ (47 отсто) и „Isabel (44 отсто).
Некои доктори велат дека проверката на интернет е добра за да се намалат непотребните посети на лекар, но научниците го потврдуваат спротивното. Две третини од пациентите што ги проверувале симптомите посетиле лекар, иако за тоа не било потребно. Некои пациенти ги мотивира стравот и листата на загрижувачки дијагнози што доведуваат до хипохондрија и сајберхондрија, што доведуваат до ескалација на тегобите поврзани со самодијагноза на интернет.
Научниците се надеваат дека нивното истражување ќе помогне страниците да ги проверат симптомите на болестите попрецизно, а пациентите треба да бидат посвесни дека онлајн-дијагнозите треба да се земат со резерва. „Проверката на симптомите е почетен чекор“, вели Џон Вилкинсон, уредник за проверка на симптомите на страницата „Mayo Clinic“. Тој се надева дека оваа страница на пациентите ќе им овозможи да бидат подготвени за разговор со доктор и да знаат кој им е следниот чекор.