X
 29.01.2019 Наука

Најстариот нобеловец, кој е 96-годишен физичар, вели дека неговата нова иновација ќе му даде на светот чиста, евтина енергија

Артур Ашкин, најстариот добитник на Нобеловата награда во светот, го претвори долниот кат од својата куќа во еден вид лабораторија каде што разви уред за соларна енергија.

- Создавам евтина електрична енергија - вели тој.

Новиот изум на Ашкин користи геометрија за да ја фати и канализира светлината. Во основа, се потпира на рефлектирачки цевки за концентратори што ги интензивираат сончевите рефлексии, што може да ги направи сегашните соларни панели поефикасни или можеби да ги замени со нешто поевтино и поедноставно.

Неговата доживотна фасцинација од светлината веќе спаси безброј животи. Тој ја подели Нобеловата награда за физика во 2018 година за неговата улога во создавањето мала левитирачка технологија наречена „оптички пинцети“ што во суштина е моќен ласерски зрак што може да фати многу мали нешта. Оптичките пинцети можат да држат и да истегнат ДНК, со што ни помагаат да се истражат некои од најголемите мистерии на животот.

Техниката се користи во биологијата, нанотехнологијата, спектроскопијата итн.; тоа им помага на истражувачите да развијат тест со крв за маларија и подобро да разберат како лековите што го намалуваат холестеролот ги омекнуваат нашите црвени крвни клетки. Кога Ашкин добил повик од Кралската шведска академија на науките во Стокхолм на 2 октомври, тој мислел дека е измама. Тоа е затоа што друг научник, поранешниот американски секретар за енергетика Стефан Чу, веќе добил Нобелова награда во 1997 година за слично истражување во лабораторијата „Бел“, каде што Ашкин ги развил оптичките пинцети.

- Светлината што свети во тебе, дали знаеш дека те турка? Повеќето луѓе не знаат. Но, таа турка бидејќи има енергија. Но, таа е многу малечка, па не можеш да ја почувствуваш - вели Ашкин. Тој почнал да ги истражува овие својства на светлината со цел да ја подобри комуникациската технологија за лабораторијата „Бел“.

nobelova
Фото: Hillary Brueck/Business Insider


- Светлината е бран, нели? Во физиката, таа е и честичка, еден вид мистериозна честичка - додава тој.

Откако Ашкин сфатил дека притисокот од фотоните (основните честички на светлината) може да собере многу мали предмети, тој се насочил да се фокусира на биологијата и почнал да користи оптички пинцети за да ги зароби, да ги крене и да ги истегне работите колку ДНК. Лабораторијата „Бел“ му даде на Ашкин дозвола да ги испита начините на кои оваа техника може да се примени на живи суштества и тој открил како да држи едноклеточни организми „заложници“ користејќи ја светлината. Дел од неговите колеги на колеџот имале сомнежи кога првпат фатил живо суштество во светлината.

- Мора да го видите ова, Ашкин фаќа бубачки! Фаќа бубачки, викаа дел од колегите. Бев изненаден. Секој би бил изненаден. Создадов оптичка левитација - раскажува тој. Откако се пензионирал од „Бел“, лабораторијата му ја дала опремата за левитација. Тој зел сѐ, освен ласер со висок напон.

Ашкин и ден-денес работи во подрумот. Тој веќе ги има поднесено потребните документи за патент (има најмалку 47 патенти до денес) за неговиот нов изум, но вели дека не е подготвен да ги сподели фотографиите од концентраторите со јавноста. Се надева дека наскоро ќе ги објави резултатите во списанието „Наука“.

Убеден е дека откако ќе биде објавен дизајнот, новата технологија ќе се прошири низ светот, од неговиот дом па до Индија, и ќе обезбеди евтина, чиста, обновлива енергија за домовите и бизнисите.

- Големите интелекти генерално не се одмараат. Јасно е дека Ашкин сака да да ги реши големите проблеми и покрај успехот и Нобеловата награда - вели претседателот на „Бел“, Маркус Велдон.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука