X
 28.09.2021 Наука

Кој е шармантниот неандерталец што го освои интернетот?

Реконструкцијата на лицето на неандерталецот им го привлече вниманието на луѓето низ светот - не само поради големата сличност со физиономијата на денешниот човек, туку и поради неговата ведра експресија на лицето, забележлива дури и по 70.000 години.

Како што пренесува „Лајв сајнс“, експерти од „Кенис & Кенис реконстракшнс“ го обликувале лицето на младиот неандерталец од дел од черепот откриен во Северното Море кај брегот на Холандија, пред 20 години.

Користејќи ги информациите што ги добиле од цврстата структура на коските на неандерталците, истражувачите успеале да соберат информации од други черепи од истиот период, за бојата на нивните очи, кожа и коса.

Се верува дека Крињ, како што го нарекле, живеел во Догерланд, кој некогаш бил копно, а сега е дел од морското дно во Северното Море помеѓу Обединетото Кралство и континентална Европа. Според истражувањата, Крињ починал пред 50.000 до 70.000 години.

Интересно е тоа што овој неандерталец имал мала циста над едната веѓа. Сместени во слоевите на кожата, овие цисти обично растат бавно и се бенигни.

1

За време на реконструкцијата на лицето, бил реконструиран и изгледот на неговата циста, со цел да се покаже дека и древните жители на Земјата страдале од многу болести, како и ние денес.

Овие типови цисти се ретки, но обично се бенигни, особено кога се мали, како онаа кај Крињ, според студијата на неговиот череп од 2009 година. Ова беше првпат овој тип на тумор да биде документиран на остатоците од неандерталците.

Првиот неандерталец на подрачјето на денешна Холандија

Крињ е изложен во Холандскиот национален музеј за антиквитети, а неговата коска ја открил аматерски палеонтолог во 2001 година додека набљудувал седименти земени од дното на Северното Море, северозападно од Холандија.

Адре Кенис, уметник специјализиран за палео-антропологија, кој работи со неговиот брат Алфонсо во „Кенис & Kенис риконстракшн“, вели дека има нешто посебно во Крињ. Кога неговиот лик беше готов, тие беа воодушевени од неговиот шарм.

Крињ е првиот неандерталец од плеистоценот чиј фосил е пронајден под морето, и иако неговите видови живееле низ цела Европа, тој е и првиот неандерталец некогаш пронајден во денешна Холандија.

Европа во тоа време била дом на голем број животни, вклучително и мамути, лавови, носорози, ирваси и коњи, и сите тие живееле во поранешните степи на Догерланд, се вели во соопштението од Кралскиот холандски музеј.



Извор: Nationalgeographics.rs
Фото: Servaas Neijens (Facebook/Archaeology Magazine)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука