Во древно наоѓалиште меѓу урнатини во Турција е откриен уште еден одамна исчезнат јазик што не се говори веќе со векови, напишан на глинени плочки, со клинесто писмо.
Новите записи се откриени во Богазќој-Хатуша, место познато и како Хатуша - археолошко наоѓалиште во Северна Турција, каде што некогаш се наоѓала престолнината на Хетитската Држава. Во 1986 година градот го стекнал статусот на светско наследство на УНЕСКО благодарение на неговата импресивна градска архитектура и уметничките дела што останале неверојатно добро сочувани низ вековите.
Хетитите биле Индоевропејци кои ја населувале Анадолија - главниот полуостров на современа Турција. Тука, во доцното бронзено време (1650 - 1200 г. пр.н.е.) се создало моќното Хетитско Царство.
Хетитите биле познати по својата воинственост, но и како една од првите прото-индоевропски цивилизации со свој пишан јазик. Своите записи ги овековечиле на глинени плочки. Од 80-тите, археолозите откриле речиси 30.000 записи со клинесто писмо во Хатуша. Повеќето од нив се напишани на хетитски јазик, но неодамнешното истражување покажа дека некои од плочките се на досега непознат јазик.
Бидејќи се работи за новооткриен јазик, истражувачите допрва треба да го дешифрираат, реконструираат и преведат. Сепак, се чини дека најверојатно го говореле луѓето од Калашма - област во северозападните делови на Хетитското Царство, близу денешен Болу и Гереде.
Сепак, првичните претпоставки говорат дека јазикот има јасни сличности со лувискиот - веќе познат јазик што се користел во Хетитската Држава. Натаму, истражувачите претпоставуваат дека написот се однесува на древен култен ритуал што се спроведувал во Калашма.
- Хетитите биле уникатно заинтересирани за запишување обреди на странски јазици - изјави професорот Даниел Швемер, стручњак за Стариот Исток од Универзитетот Јулиус-Максимилијанс во Вирцбург, средишна Германија.
Се знае и дека новооткриениот јазик е поврзан со индоевропските јазици, кои се говорат во скоро цела Европа, сѐ до Иранската Висорамнина и северот од Индискиот Потконтинент. Всушност, еден од ретките преживеани јазици во Европа што не потекнува од индоевропското семејство е баскискиот јазик што се зборува само во Баскија, на Пиринеите меѓу Франција и Шпанија.
Извор: МИА