Повеќето луѓе не сакаат да излегуваат со луѓе кои веруваат во теории на заговор, според истражувањето спроведено на Универзитетот во Кент, кое го испитувало нивното влијание врз односите.
Во истражувањето, речиси 500 луѓе од Америка добиле лажен профил на „Тиндер“ со заматена фотографија, како и неколку ознаки кои опишуваат генерички лични преференции и хобија, а и биографија со подетален опис.
За контролната група, описот гласел: „Уживам да патувам, да готвам и да поминувам време со пријателите и семејството“. Друга група ја видела пораката: „Изборите во 2020 година се наместени. Фактите зборуваат сами за себе!“ Трета група ја видела пораката: „Изборите во 2020 година не се наместени. Фактите зборуваат сами за себе!“
Учесниците потоа биле прашани дали мислат оти врската со таа личност ќе биде задоволителна. И, како што откриле истражувачите, оцената за задоволство од врската со профилот што поддржува теории на заговор е значително помала од онаа што се однесувала на контролниот профил.
- Негативната поврзаност помеѓу верувањето во заговори и задоволството од врската влијае врз првите впечатоци, како оние што се формираат во средината за онлајн состаноци - рекле истражувачите.
Дури и кога луѓето се во врска, без разлика дали се во романтична или пријателска, преовладуваат слични ставови. Освен во случаите кога и самите учесници имале силно верување во заговори, тогаш и тие очекувале помало задоволство и блискост во врска со заговорниците.
- Во хипотетичка ситуација дека личност од нивниот круг изразува верување во теории на заговор, луѓето кои не ја поддржуваат личноста во тоа очекуваат пад на задоволството во врската - истакнал водечкиот автор на студијата, Даниел Торибо.
И многу врски и односи може да бидат засегнати, со оглед на тоа дека верувањата во теории на заговор е широко распространето во САД. Истражувањето спроведено од страна на „Лигата против клеветата“ покажало, на пример, дека речиси тројца од 10 Американци веруваат во клучните аспекти на теоријата на заговор „Големата размена“. Таа е поврзана со многу насилни инциденти.
Исто така, постојат многу докази дека односите меѓу луѓето биле прекинати поради таквите верувања. Често затоа што личноста која ги застапува чувствува потреба долго да зборува за нив. Меѓутоа, луѓето што веруваат во теории на заговор честопати не се ни свесни за ефектот што го имаат нивните ставови врз луѓето околу нив.
- Генерално се очекува дека верувањата во теории на заговор ќе го намалат задоволството во меѓучовечките односи. Тие ја намалуваат перцепцијата за блискост во ставовите и меѓучовечката доверба, мотивирајќи ги луѓето да се дистанцираат од заговорниците. Сепак, луѓето со посилни конспиративни убедувања не очекуваа дека нивните односи со другите заговорници ќе бидат нарушени. Тие очекуваа да се подобрат со споделување на овие верувања - истакнале од Институтот за стратешки дијалог од САД.
Извор: forbes.n1info.hr
Фото: Freepik