Мислите дека недоволното учење може да биде единствениот виновник за неуспешното полагање на испитот? Грешите. Премногу учење може да биде подеднакво лошо како и недоволно учење, особено доколку го преокупира вашиот секојдневен живот.
Сепак, огромен број на студенти редовно се доведуваат себеси до истоштување кога станува збор за учењето. Мислејќи дека немаат друг избор, тие учат се` додека не колабираат.
Ова се неколку знаци кои покажуваат дека сте претерале со учењето. За да ја спасите вашата продуктивност погледнете со кои проблеми ќе се соочите.
1. „Играње“ на окото
Колку пати ви се случило ова? Ако ви „игра“ окото со денови и не знаете за што станува збор, дали е време да посетите доктор? Прво обидете се да се опуштите и овој проблем ќе исчезне. Играњето на окото често пати се јавува како последица од претерано напрегање во текот на учењето кое трае со часови, секој ден, секоја недела, во текот на неколку месеци. Знаеме колку е важно да се положи испитот или сите испити во рокот, но доколку го забележите ова, тогаш време е да направите пауза бидејќи ви е и повеќе од потребна. Затворете ја книгата, оставете ја скриптата и оддалечете се од компјутерот. Треба добро да се наспиете и да се одморите од гледање во текстот или екранот.
2. Ви се губат зборовите
Дали некогаш сте се нашле во ситуација едноставно повеќе да не ги распознавате зборовите во текстот кој се наоѓа пред вас? Ова обично се случува кога сте примиле премногу информации и како последица на долги часови учење. Вашето тело ви дава знаци дека е доста, а вие упорно ги игнорирате. Зборовите треба да се наоѓаат линеарно напишани во облик на смислени реченици, а вие не можете да се сконцентрирате до крај да прочитате еден ред, а камоли еден пасус.
3. Повторување на информации
Ова се случува кога учите една лекција или еден поим повторно и повторно, и така неколку пати, а притоа не сте забележале дека упорно повторувате една иста работа и цел ден не сте се поместиле од првата лекција. Кога ова се случува вие веќе целосно сте изгубиле контрола над вашето внимание и шансите тој момент нешто да научите се нула.
4. Нервозни сте
Деновите ги поминувате над книгата, често учите и навечер, доцна си легнувате и притоа лошо спиете, не се гледате со пријателите. Сите овие чекори ве водат кон општа состојба на нервоза и нерасположение. Кога ќе почувствувате дека станувате се` понервозни, тогаш време е за сериозна пауза од учењето.
5. Не спиете
Еден од најчестите симптоми на „претерано“ учење е неспиењето или несоницата. Без разлика дали не можете да заспиете затоа што низ глава ви се вртат сите можни прашања кои би ви паднале на колоквиум/испит или пак се преслушувате за лекциите кои дента сте ги учеле, сето ова влијае врз вашиот сон. Ќе бидете толку напнати и преморени но вашиот мозок едноставно нема да се „исклучи“. Вашето тело ви испраќа сериозни знаци дека сте претерале. А кога и да успеете да заспиете вие го сонувате испитот и како паѓате на испит, па утрото се чувствувате уште поуморени отколку кога легнавте. Заборавете на апчињата за спиење, тие се само моментално решение, потребна ви е вистинска пауза од учењето.
Да сумираме, премногу учење не води кон ништо и секогаш ќе го уништи балнасот во животот. Секогаш запомнете дека не треба да претерувате во ништо, па ни во учењето. Само полека, ќе продолжете наредниот ден.