X
 21.08.2018 Образование

Од Финска треба да учиме за стручното образование и за обуките

Се чини дека сѐ помал број ученици во Македонија се одлучуваат за стручно образование, а обуките се на ниско ниво или воопшто ги нема. За разлика од Македонија, Финска е држава од која можеме многу да научиме во врска со обуката и стручното образование.

Стручното образование и обука во оваа земја (VET) е флексибилно и отворено не само за учениците откако ќе го завршат деветгодишното основно образование, туку и за возрасните кои бараат промена во кариерата или сакаат да ги дополнат своите вештини во тековната професија.

Стручното образование е добро осмислено


Финските ученици завршуваат деветгодишно сеопфатно образование што завршува на 16 години. Потоа учениците имаат избор: можат да продолжат по академската патека (лукио) и да се подготват за универзитет или можат да се одлучат за стручна обука (аматикоулу). Во секој случај, процесот трае три години. И во двата случаи, по завршувањето на овој процес, учениците ќе можат да аплицираат за некој од универзитетите или да влезат во пазарот на трудот. Постои можност студентите да се одлучат и за две опции и да ги завршуваат истовремено.

Дури и оние што избрале стручно образование можат да продолжат да студираат на универзитет и да добијат диплома на политехнички институт или на универзитет за применети науки. Насоките во ваквите институти ја нагласуваат практичната природа на полето. Исто така, можат да останат во стручното училиште и да се здобијат со дополнителни сертификати во избраното поле.

- Денес не постојат мртви точки во финскиот образовен систем - напиша европскиот центар за развој на стручното образование (CEDEFOP) во 2016 година за напорите на земјата за стручното образование и обука.

- Во доцните 90-ти години средното стручно образование и обука беше ставено на исто рамниште со општото средно образование, бидејќи професионалната пракса обезбеди квалификуваност за високо образование - пишува во нивниот извештај.

Поделбата помеѓу академски и стручни студенти е блиска. Во 2011 година 43 отсто од учениците се определиле за стручна обука по сеопфатниот образовен период. Школарината е бесплатна за програмите за стручно образование и обука, а истото се однесува и за оние што ќе се одлучат за универзитет, но студентите ги покриваат трошоците за наставните материјали.

obuka
Фото: Flickr


Една од причините за успехот на стручното образование во Финска е широкиот спектар на професии за кои се нуди обука. За повеќето земји, идејата за стручно образование значи заварувачи, автомеханичари, бравари и слично, но во Финска се нуди обука и стручно образование и во други области, како туризам, готвење, социјални услуги, градинарство и јавен транзит. Курсевите се дури и достапни за домашната економија за луѓето да научат да управуваат со своите домаќинства.

Освен работата во училницата, школувањето и обуките на работното место се дел од процесот на учење. Од студентите се очекува да завршат најмалку шест до осум седмици ваква работа, а многу стручни училишта честопати се управувани од самиот град, па така нудат можности што одговараат на одредени услуги. Студентите можат да стекнат искуство во рестораните, салоните, пекарниците, а клиентите добиваат пониски цени за нивната подготвеност за посета и поддршка на студентските претпријатија.

Помош за возрасните и имигрантите


Програмата за стручно образование и обука не е наменета само за младите луѓе и тинејџерите кои одлучуваат што сакаат да прават со својот живот. Овие програми се достапни и за возрасните луѓе кои можеби сакаат промена во нивната кариера или, пак, можеби сакаат целосно да ги променат кариерите, како на пример преминување од електричар во пекар. Програмите за стручно образование и обука можат да им помогнат да ги постигнат тие цели. Овие курсеви возрасните ги плаќаат, помеѓу 50 и 60 евра, но голем дел од нив се бесплатни.

Овие програми се достапни и за имигрантите, покрај обуката за интеграција што обезбедува часови по фински или шведски јазик, запознавање на културата на Финска и советување во кариерата. Имигрантите може дури и да посетуваат часови по фински јазик додека посетуваат стручни часови за да им помогнат во забрзувањето на процесот на вработување во земјата.

Истражување од 2017 година, спроведено меѓу студентите од овие програми, покажало големо задоволство од целиот процес. 64 отсто од оние што одговориле на анкетата изјавиле дека стручните вештини што ги научиле за време на нивната обука се доволни за работа, а 70 отсто изјавиле дека се чувствуваат дека би можеле да најдат работа по дипломирањето како резултат на вештините што ги стекнале.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование