X
 23.05.2017 Образование

Најинспиративните асистенти на УКЛО - Денис Арсовски и Спире Лазароски

Со околу триста предлози и повеќе од илјада одговори, на онлајн анкетата спроведена од Факултети.мк беа избрани најинспиративните асистенти на државните универзитети.


asistent

За најинспиративни асистенти од УКЛО беа избрани Денис Арсовски од Високата медицинска школа во Битола. Студентите за него велат дека никогаш не го штеди своето знаење и дека е достапен во секое време да им помогне, и асистентот Спире Лазароски од Економскиот факултет во Прилеп кој доби пофални зборови за пристапот на предавање.

Асистентите се и повеќе од благодарни за титулата која им ја доделија нивните студенти.

„Самото признание добиено од страна на студените е верификација на мојот долгогодишен ангажман на Економскиот факултет во Прилеп. Се работи за прекрасно чувство, токму поради фактот што ваквата верификација доаѓа од студентите со кои сум во непосредна комуникација во текот на секој работен ден. Самата инспирација за реализирање на наставата и вежбите, произлегува од нивната желба да апсорбираат знаења кои подоцна би ги применувале во реализација на нивните работни задачи“, вели Лазароски.

Тој додава дека е среќен поради фактот што успеал да биде мотивација на младите да тежнеат кон реализирање на нивните цели, а притоа да не ја заборават човечноста и храброста потребни при реализирање на сопствените цели.

„Самото признание, воедно, претставува и моја лична инспирација да продолжам со моето образование и професионално усовршување. Интересно е што самиот амфитеатар  дава слобода низ перманентната комуникација со студентите да научите многу од нив. Како што јас сум инспирација за нивните понатамошни аспирации, така и тие секојдневно ме инспирираат да постигнувам повеќе во научно-образовната дејност. Конечно, образованието е благородна професија која резултира во нови генерации што треба да помогнат за понатамошен просперитет на човештвото. Чест ми е да бидам еден мал сегмент од големата сложувалка која треба да креира подобар живот за сите“, завршува Лазароски.

денис

За Денис Арсовски медицината е наука која има посебни правила, етички принципи и доста патологии за кои се потребни натчовечки напори за да им се демонстрира на студентите точната клиничка слика.

„Сепак, мојата работа како асистент е доста сериозна. Свесен сум дека со моето погрешно демонстрирање на вежбите може да значи фатална, кобна грешка за пациентите. Затоа настојувам моите студенти сите тие интервенции да ги повторуваат повеќе пати, онолку колку што е потребно за да ја усовршат истата процедура. Станува збор за итни случаи и доста прецизни тестови и терапии. Секоја помината вежба заедно со студентите за мене значи нов предизвик, а несомнено за нив збогатување на знаењето“, вели Денис.

Тој е благодарен на неговите професори кои го збогатиле со огромно знаење во областа на медицината и токму поради нив тој станал најдобриот студент на Високата медицинска школа.

„Благодарение на проф. Д-р Викторија Продановска – Стојчевска ми беше главната поддршка за надминување на сите мои потешкотии за време на студирањето. Под водство на директорот Проф. Д-р Домника Рајчановска и заменик директор Проф. Д-р Тања Јовановска, научив дека со љубезноста, знаењето и почитта многу е полесен патот кон успехот. Предавањата кај Проф. Д-р Изабела Филов до ден денес ги паметам, нејзиниот богат речник со знаење ме инспирира да напишам доста практикуми и скрипти во полза на студентите. Во моментот сум запишан на специјалистички студии во областа на рехабилитацијата во ортопедијата, хирургијата и травматологијата, а под ингеренција на Проф. Д-р Гордана Ристевска – Димитровска ги завршувам моите студии со значителна успешност и соодветно знаење во доменот на мојата специјалност“, додава тој.

И секако, Денис вели дека токму благодарение на студентите тој е најинспиративниот асистент на Високата медицинска школа. За него нивниот избор е доста значаен, со оглед на тоа што тие се иднината на медицината.

„Оваа титула ми дава инспирација да продолжам со поголемо темпо на работа, да истражувам нови методи во кои ќе бидат директно вклучени сите амбициозни и млади колеги. Тие се причината да останам во овие простории и надежта дека доаѓа нова ера на медицината со многу решени загатки кои до ден денес остануваат нерешени“, завршува тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование