X
 28.11.2019 Живот

Во Масачусетс ќе бидат забранети ментол-цигарите и ароматизираните течности за е-цигарите

Масачусетс е првата американска сојузна држава што трајно ќе ги забрани ароматизираните течности за електронски цигари и ароматизираните тутунски производи, како што се популарните ментол-цигари.

Гувернерот на Масачусетс синоќа го потпиша законот за забрана на ароматизираните течности за електронски цигари и ароматизираните тутунски производи. Законот е одговор на неодамнешните смртни случаи поврзани со електронските цигарите и има цел да ја намали привлечноста на пушењето кај младите.

Масачусетс е првата американска сојузна држава што прогласи трајна забрана на ментол-цигарите, а законот ќе стапи во сила на 1 јуни 2020 година.

Севкупно решение или забрана може да се донесе само од Федералните центри за контрола и превенција од болести или, пак, од страна на Управата за храна и лекови.

Претседателот Доналд Трамп веќе со месеци ветува дека ќе ја одобри забрана за употреба на повеќето ароматизирани течности за електронските цигари во САД. Но, последните недели неговата администрација ја откажа дури и самата најава на таквата забрана, а Трамп најави дека ќе се сретне со претставниците за производството на електронските цигари и со медицински експерти.

Здружението на трговци во малопродажба, кое е против забраната, тврди дека таа несразмерно ќе ја погоди „обоената популација“ и ќе ја чини државата 100 милиони долари помалку од даночните приходи.

Според истражувањата, ментол-цигарите повеќе ги пушат младите и припадниците на етничките малцинства. Американската организација за борба против ракот оцени дека новиот закон ќе испрати јасна порака до тутунската индустрија, која е обвинета дека со ароматизираните производи ги охрабрува тинејџерите да пушат.

- Повеќе од 80 отсто од тинејџерите што користеле некакви тутунски производи почнале со ароматизирани производи - се наведува во соопштението на таа организација.

Со новиот закон на Масачусетс се предвидува и воведување акциза од 75 отсто на сите производи поврзани со електронските цигари и бара здравственото осигурување да ја плаќа експертската помош за граѓаните што се откажуваат од пушење.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот