X
 22.01.2018 Култура

Дали знаете дека постои Музеј на лоша уметност?


Слика
(Фото: MOBA)


Да, ваков музеј навистина постои во американската држава Масачусетс! Посветен е на собирање и чување уметнички дела што се „премногу лоши за да бидат игнорирани“, Музејот на лоша уметност (Museum of Bad Art, MOBA) има посебни критериуми кога одлучува кои дела ќе ги вклучи во својата збирка.




„Треба да го имаат она нешто што на овој или на оној начин ќе ги издвојува од најобичните промашувања“, вели директорката на Музејот, Луис Сако.

Кустосот Мајкл Френк редовно ги прегледува понудите од донаторите од целиот свет, а со својот тим посетува и панаѓури, заложни куќи и ѓубришта за да пронајде што повпечатливи дела што заслужуваат да бидат изложени во нивниот музеј.

Гласот за овој посебен музеј се проширил надалеку, па сега комуналните компании му се јавуваат кога на терен ќе пронајдат особено впечатлив примерок.




Музејот почна со работа во 1993 година кога трговецот за антиквитети Скот Вилсон пронашол на ѓубриште масло на платно – денес легендарната „Lucy in the Fields with Flowers“, варијација на песната од „Битлси“ – „Lucy in the Sky with Diamonds“.

Тогаш пријателите го поддржале Вилсон да почне да ја создава колекцијата, која првично ја покажувал само во својот дом.




Меѓутоа, бројот на посетители постојано растел, па збирката прво ја преселил во подрумот на еден театар во Дедхам, а кога просторот по една година добил нов сопственик, кој бил незаинтересиран за грда уметност, MOBA конечно се преселила во Бостон.

Освен во киното во Сомервил, придружни галерии се отворени и во Бруклин и Саут Вејмут.




Колекцијата содржи повеќе од 600 дела, од кои шеесетина се во постојаната поставка. Сите дела се оригинали, а ако се прашувате дали се работи за шега, на официјалната страница на Музејот се наведува следното: „Оваа установа работи долго и напорно за да ја изгради најдобрата светска колекција на грда уметност. Ние многу сериозно ја сфаќаме нашата мисија. Искрено, нè шокираат вашите подбивни инсинуации“.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура