Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека денеска од 9 до 12 часот, поради одржување генерална проба во врска со 30. Министерски совет на ОБСЕ, неколку сообраќајници ќе бидат затворени, па од тие причини дел од линиите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, додека утре, за време на одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз ќе сообраќа вообичаено, по зимен делничен возен ред, а в четврток автобусите ќе возат по саботен возен ред.
Изменети траси денеска до 12 часот имаат линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118, а посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Линиите 8 и 15А од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, а посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Линиите 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“.
Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта.
Сите билетарници и центри за персонализација в среда ќе работат од 6:30 до 13 часот, а в четврток нема да работат, додека жичницата сите денови ќе работи вообичаено, од 10 до 17 часот.
Од ЈСП ќе дадат дополнителни информации во текот на денот во врска со дополнителни измени кои можат да настанат околу возниот ред на јавниот превоз во Скопје, за време на траење на Самитот на ОБСЕ.
Извор: МИА