X
 28.12.2018 Живот

На што ги троши парите Џеф Безос?

Џеф Безос е најбогатиот човек во модерната историја. Нето-вредноста на неговото богатство е 156 милијарди долари, и со тоа е првиот човек што собрал богатство поголемо од 100 милијарди долари. Богатството на Безос е толку големо што, според пресметките на „Бизнис инсајдер“, трошењето 88.000 долари за него е слично како просечен Американец да троши еден долар. И тој има намера да го потроши целото богатство за доброто на човештвото, но не баш така како што си замислувате.

„Амазон“ е примарниот извор на богатството на Безос. Тој ја основал компанијата во 1994 година и денес е извршен директор и најголем сопственик на акции, со учество од 16 отсто. Како што се зголемуваат цените на акциите на „Амазон“, така се зголемува и богатството на челните луѓе на компанијата.

„Амазон“ се претвори во бренд кој влегува во речиси секој аспект од животот и кој порасна преку профитабилни стекнувања и инвестиции. Затоа не е ни чудо што најбогатиот човек во Америка е и еден од најголемите земјопоседници. Тој поседува дом во Медина, Вашингтон, голем 5,3 акри, чија вредност се проценува на 25 милиони долари. Негов сосед е вториот најбогат човек, Бил Гејтс. Безос исто така поседува резиденција во Вашингтон, a во тој дел соседи му се поранешниот претседател на САД, Барак Обама, и ќерката на актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, Иванка Трамп. Дополнително, Безос има и голема куќа вредна 25 милиони долари во Беверли Хилс и три стана во Њујорк со вкупна вредност од 17 милиони долари. На крајот, неговиот највреден имот е ранчот во Ван Хорн, Тексас, голем 30.000 акри, кој служи како база за неговата компанија за истражување на вселената наречена „Блу ориџин“.

За да може да ги посетува сите свои имоти, Џеф поседува авион вреден 65 милиони долари. За разлика од другите милијардери, тој не се вклучува многу често во јавна филантропија, но има дадено големи донации на „Мерис плејс“, организација која им помага на бездомниците во Сиетл.

Сепак, тој инвестира и финансира проекти. Во 2013 година Безос финансираше и предводеше експедиција за земање еден од моторите на ракета од мисијата „Аполо 12“ од дното на Атлантскиот Океан. На негово барање, НАСА го донираше на музеј во Сиетл. На почетокот од 2018 година Безос плати 42 милиони долари за часовник кој може да работи 10.000 години.



Тој има направено многубројни инвестиции и лично инвестира во „Гугл“, „Убер“, „Ербиенби“ и други, а тука е и купувањето на „Вашингтон пост“ во 2013 година за 250 милиони долари, но најамбициозен подвиг му беше „Блу орџин“.

Неговата ракета „Њу Шепард“ имаше неколку успешни пробни летови и моментално развива поголема ракета - „Њу Глен“. Тој годишно ликвидира една милијарда долари од акциите на „Амазон“ за да го финансира проектот и неговите цели за поддршка на опсежен лет и колонизација на Сончевиот Систем. Безос планира да го искористи сето богатство за да го финансира истражувањето на вселената. Тој верува дека тоа е неговата најважна работа. Тој се надева дека „Блу ориџин“ ќе ги зголеми продуктивноста и ефикасноста на луѓето и ќе помогне да се избегне стагнацијата на цивилизацијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот