„Ме интересираа сите предмети што бараа читање. Многу читав и многу сакав да читам, затоа и бев единствена што се пријави во првиот испитен рок да полага кај професорот по марксизам, прочитав сѐ од данскиот филозоф Серен Кјеркегор. Кој го читал, знае колку е тежок. И денес читам многу“, сподели актерската дива Катерина Коцевска во разговор за рубриката „Кога бев студент“ која ја креиравме со „Пивара Скопје“.
Катерина Коцевска е македонска театарска, филмска, телевизиска и гласовна глумица. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1982 година во класата на професорот Вукан Диневски. Во 1983 година таа станала член на ансамблот на Драмскиот театар - Скопје. Оттогаш одигра многу главни и споредни улоги во претстави на Драмскиот театар, но и во другите театарски установи во Македонија. Од 2019 до 2023 година беше директор на Драмскиот театар - Скопје.
Со Катерина зборуваме за нејзините училишни и студентски денови, за деновите поминати во Драмски со колегите од ФДУ и животните лекции што ги научи на факултетот.
Коцевска завршила основно образование во ОУ „Наум Наумовски – Борче“ во Скопје, а средното образование го продолжила во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
- Не ми беше тешко да одлучам каде ќе продолжам со средното образование. Се запишав во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Примаа само ученици со одличен успех. Јас бев одлична и ме примија - ја почна својата приказна актерката Катерина Коцевска.
Катерина ги сподели своите впечатоци од средното училиште и откри дека го учела само она што ѝ било интересно, односно дека не била „бубалица“ и не бегала од часови.
- Имав петки по пола предмети, а пола од предметите ми беа двојки. Ги учев повеќе оние предмети што ми беа интересни. Не бегав од часови и не се карав со професорите - се присети Катерина и додаде дека има искуство и со полагање по одреден предмет: Ме интересираа сите предмети што бараа читање. Многу читав и многу сакав да читам. И денес многу читам. Еднаш добив единица по физика и морав да одам на полагање. Положив. И сакав спорт. Се занимавав со атлетика и трчав во дисциплините 400 метри и 800 метри - истакна Коцевска.
Гимназијата „Јосип Броз Тито“ ја делела само една ограда од тогашната барака на Македонскиот народен театар, сега театар Комедија. Тука се раѓа љубовта на Катерина кон театарската уметност.
- Една ограда ја делеше гимназијата од тогашната барака на МНТ (сега театар Комедија). Јас не одев во диско, одев да ги гледам сите опери, балети и драми. По тој редослед. Имаше еден прекрасен редар, чичко Чаче, кој ме пушташе да влезам. Потоа влегов во една аматерска театарска група, добив награда за најдобра актерка на аматерски театарски фестивал и така почна приказната - откри Катерина.
Одлуката да се запише на Факултетот за драмски уметности ја донела сама и не ги прашала родителите. Веднаш ја примиле на студии. Катерина истакна дека сите четири години на студии ѝ биле и лесни и тешки, а откри каде било најтешко да се помине испит.
-Сите четири години беа и лесни и тешки во некои моменти. Најтешко беше да се помине кај професорот по марксизам. Се сеќавам дека само јас се пријавив на првиот испитен рок и положив со 10 кај него. Но, прочитав сѐ од данскиот филозоф Серен Кјеркегор. Кој го читал, знае колку е тежок! И бев присутна на секое предавање на професорот. Серен Кјеркегор нема баш многу врска со предметот марксизам, но ни беше зададено да се одбере тема од автор и јас го одбрав него - објасни Коцевска.
Актерката имала највисок просек, но морала да преполага еден испит -општонародна одбрана. Не била задоволна со „шестката“, па кога преполагала добила десетка.
Коцевска потенцира дека вистинско уживање да се присуствува на предавањата било кај легендарниот Илија Џувалековски-Личко, а се присети и на студентските дружби по предавањата и вежбите на ФДУ.
- Се дружевме, гледавме претстави, кисневме во Драмски. Барем јас - истакна актерката и издвои неколку спомени од својата архива за студентските денови: Средбите со другите факултети за драмски уметности, на пример, од Белград. Мојата најдобра пријателка ја запознав тогаш. Не е актерка, раскажува Коцевска.
Коцевска дипломира со претставата „Сврти се во гнев“, која била работена шест месеци. Вели дека немала некоја посебна трема, но била навистина возбудена.
Актерката не кажа каква цел си поставила кога почнала да студира и какви соништа сонувала, односно дали ѝ се оствариле подоцна во кариерата, но рече дека соништата останаа соништа.
Надвор од предавањата, испитите и вежбите, Факултетот за драмски уметности ја натерал Катерина на неколку промени, но вистинската школа ја стекнува веднаш по дипломирањето на ФДУ.
- Помалку да зборувам „скопски“, повеќе литературно и дека мора да го завршам ако сакам да се вработам во театар! Вистинската школа ја стекнав работејќи со големи актери и режисери - подвлече актерската дива Катерина Коцевска.
Фото: приватна архива