X
 09.08.2021 Наша тема

Кога бев студент со Оливер Јосифовски од „Љубојна“: Кај одиш со креветот?, Кај одиш со чамецот?, Кај одиш со гајдата?... му дофрлувале додека го „тркалал“ контрабасот

Мојот просек беше 9,67. По цел ден бев на академија и вежбав, а исто така имавме и бенд со кој правевме проби четири пати неделно, па на тој начин го добивме и името „Four times a week“

Кај одиш со креветот?, Кај одиш со чамецот?, Кај одиш со гајдата?... му дофрлувале на Оливер Јосифовски додека си го „тркалал“ контрабасот низ Софија одејќи на некој настап или на предавање за време на студиите на Државниот музички конзерваториум во Софија.

Нашиот етаблиран музичар со потекло од Битола е познат како основач на групата „Љубојна“, која ја предводи со својата сопруга Вера Милошеска-Јосифовска. Но, тоа е само дел од неговиот богат дводецениски музички опус. Тој е еден од основачите на култниот битолски бенд „Фолтин“, член е на низа реномирани македонски џез-состави, а воедно е и еден од најбараните композитори за театарска музика. Всушност, „Љубојна“ како проект произлегол од ангажман во претставата „Парите се отепувачка“. Зад себе има 130 претстави на кои работел музика, но и неколку играни и документарни филмови, како и балетски претстави.



Оливер е еден од најбараните музичари кај нас, за што доволно говорат соработките со славни имиња како Ибрахим Малуф, Џијан Емин, Јуре Пукл, Теодосиј Спасов, Васил Хаџиманов, Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Зоран Маџиров, Најџел Кенеди, Давор Јордановски и низа други.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.



Кога ќе престанеше музиката дома, се продолжуваше кај соседите со песна


Роден во музичка фамилија, каде што постојано се свирело и се пеело, Оливер уште од мал бил со музички инструмент в рака. Големо музичко влијание врз него имала и околината во која растел во Битола и вели дека кога кај него дома ќе престанела музиката, се продолжувало кај соседите со песна.

- Музиката е таа што ме следи. Од многу мал свирам на музички инструменти. И тогаш знаев дека ќе ми биде добро да се занимавам со музика и природно се наметна желбата да го проширам моето музичко образование. Јас сум роден во музичка фамилија. Кај нас дома цело време се музицираше, а кога музиката престануваше, продолжуваше веднаш кај комшиите.

- Основно образование завршив во училиштето „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, каде што по цел ден игравме спорт. До петто одделение бев супер одличен и примерен пионер, а потоа…
Средното образование го стекнал во архитектонско училиште.

- Малку го „мотав“ во Битола за потоа да завршам во Струга, каде што по цели ноќи соучениците ми цртаа програми додека јас им свирев на гитара - вели тој.



Кога го „тркалав“ контрабасот, луѓе излегуваа по терасите мислејќи дека поминува возот

Како секој врвен џез-музичар, така и на Оливер импровизацијата му е силна страна. Таа вештина ја употребил и кога му било потребно да направи некаков вид помагало со кое ќе го транспортира контрабасот низ Софија. Тој често одел пеш на предавањата на Државниот музички конзерваториум во Софија, каде што студирал џез-контрабас. За полесно транспортирање на овој масивен инструмент, Оливер смислил вид тркало, закачено на контрабасот, но тоа брзо почнало да квичи и да прави бучава, така што сите знаеле кога тој поминувал по улица.

- Живеев во неколку приватни сместувања, но не и во студентски дом затоа што беше ужасно далеку, а јас навечер настапував и сите пари требаше да ги потрошам за такси, кои и онака беа малку. Кога се преселив во центарот на Софија, често пати се движев пеш со контрабасот на грб, а потоа си измислив и едно тркало кое требаше да биде помагало за полесно пренесување. Но, тоа тркало по првото користење почна да прави невидена бучава, па цело маало излегуваше по терасите мислејќи дека возот поминува по улица.



Многу сакал да оди пешки со инструментот низ градови и низ места, а бидејќи контрабасот е огромен инструмент, тешко било да остане незабележан, па Оливер ни раскажува неколку случки:

- Кај одиш со креветот?, Кај одиш со чамецот?, Кај одиш со гајдата? или „Мамо, мамо види колкава виолина?, а мајката: „Не е виолина тоа, сине, гитара е“...

- Еднаш дома, во Битола, во текот на едни зимски денови кога сè беше завеано со снег и кога немаше ни такси ни луѓе по улиците, тројца го пренесувавме контрабасот на раце низ тесните улички во моето Баир Маало, внимателно, легнат, и наиде една женичка, се вознемири, застана отстрана, ја наведна главата и се прекрсти.



„Не се учи музика меѓу клупи“ - ми порача професорот

Контрабас, Хармонија, Музичка естетика и, се разбира, Импровизација му биле омилени предмети на Оливер за време на студиите. Тој и кога немал предавања, постојано бил на факултетот, вежбал, сам, или со бендот составен од негови тогашни колеги. „Не се учи музика меѓу клупи“ - му порачал тогаш еден професор на Оливер, кој со оглед на тоа дека постојано е на сцена, добро ја разбрал пораката.

- На прво место ми беа предметите Контрабас, Хармонија, Музичка естетика и Импровизација, додека предметот Бас-гитара не ми беше омилен поради професорот, кој имаше пасија и измислуваше музички скали во слободно време. И така, кога ќе почнеше да раскажува на часовите, изгледаше комплицирано без потреба.

- Мојот просек беше 9,67. По цел ден бев на академија и вежбав, а исто така имавме и бенд со кој правевме проби четири пати неделно, па оттука го добивме и името „Four times a week”. Подготвувањето на дел од испитите беше со свирење во ансамбли, дел со свирење и подготвување сам, а дел со моливче в рака и слушалки на уши и многу работа. Имаше периоди кога освен што вежбав по цел ден на академија, навечер - 1,5 час спиев, 1,5 час пишував домашни задачи, и така цела ноќ.



Трошете го времето на својот инструмент и дружете се со музиката

Без паднат испит и со само еден преполаган поради незадоволство од оценката, Оливер во регуларниот рок го завршил факултетот во Софија. Секогаш препознатлив по својот имиџ и начин на облекување, во тој период и панкерски, Оливер добил совет околу облеката од еден од професорите, кој сè уште го следи.

- Се облекував најчесто спонтано, слободно – панкерски. Еден ден професорот ме седна и ми кажа: „Имам нешто да ти кажам во врска со облеката. Во општеството треба да бидеш елегантен“. Долго време не разбирав што сакаше да ми каже, но потоа сфатив. Инаку, најчесто се дружевме со колегите и музичарите со кои свиревме и со колеги од драмската дејност. Многу често готвевме и се собиравме. Денот на студентите во Бугарија беше на 8 декември и се прославуваше со многу журки, а ние, се разбира, и други денови си правевме забави.

- Не сум паднал испит, но преполагав затоа што не бев задоволен од оценката по предметот Бас-гитара. На новите генерации студенти им порачувам да го трошат времето на својот инструмент и на надградување на себеси. На дружење со музиката и истражување на таа наука - додава Оливер.


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема