X
 23.03.2020 Наша тема

Кризата поради короната ги сопре рекордните победи на Ѓоко Хаџиевски во Емиратите: Фудбалерите тренираат изолирано, ги следиме преку „Вацап“

Првенствата во сите лиги во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се прекинати на еден месец, но никој не знае колку точно ќе трае, помалку или подолго. Сè ќе зависи од распространетоста на вирусот во оваа земја. Сите ја примивме одлуката очекувано, но се надеваме дека државните институции ќе направат сè да го спречат ова зло


Ѓоко Хаџиевски со своето 33-годишно искуство како професионален тренер и со над илјада првенствени натпревари во кариерата моментно важи за еден од најуспешните тренери во Лигата во Обединетите Арапски Емирати. Со својот клуб „Емиратес клуб“ од Рас Ел Хајма успеа да победи на десет натпревари по ред, а најзначаен успех беше совладувањето на најголемиот конкурент за прво место. Првото место е веќе обезбедено и целта е остварена. Но, Хаџиевски атакува кон уште една цел – да докаже дека иако тој и неговите помошници Коки Аврамовски и Филип Деспотовски доаѓаат од мала, но фудбалска држава, имаат подобри резултати од познати тренерски имиња од големите фудбалски земји.

Во интервјуто за Факултети.мк Хаџиевски објаснува како се прават тренинзи во време на кризата со коронавирусот.

Пандемијата на коронавирусот ги прекина Лигата на шампиони, Лигата на Европа и првенствата во европските држави, освен во Турција, Русија и Украина. Како е во Азија, поточно во Обединетите Емирати, кои се коментарите?

- Коронавирусот испадна многу сериозна закана за цел свет, лесно се шири и веќе сигурно излезе многу посериозно отколку што сите очекувавме. Нормално, во вакви услови се преземаат најригорозни мерки за да се стопира ова зло и никој не размислува за забави или спортски натпревари кога има многу инфицирани луѓе од сите сегменти. Прекинот на првенствата е логична одлука на надлежните институции во фудбалот и спортот воопшто. Така и првенствата во сите лиги во Обединетите Арапски Емирати се прекинати на еден месец, но никој не знае колку точно ќе трае, помалку или подолго. Сè ќе зависи од распространетоста на вирусот во оваа земја. Сите ја примивме одлуката очекувано, но се надеваме дека државните институции ќе направат сè за да го спречат и стопираат ова зло. Одлуката е донесена во неделата, на 15 март. Во понеделникот имавме состанок во клубот и се договоривме да им дадеме една недела слободно на играчите и да видиме како ќе се одвиваат работите. Во меѓувреме, тие добија задачи да работат индивидуално, добија програма за работа и задача да ги испраќаат нивните активности на апликацијата „Вацап“, со потврда за нивната работа (местото на работа и интензитетот, сликани на нивниот часовник за мерење на вредностите). Морам да кажам дека се однесуваат максимално сериозно кон зададените задачи за работа и на нашата заедничка тимска страница на оваа мрежа ги испраќаат нивните индивидуални тренинзи.

Со неговите помошници Коки Аврамовски и Филип Деспотовски

Кои конкретни мерки се презедоа?

- Пред една недела имавме превентивни предавања за заштита од коронавирусот. Во сите простории на стадионот и на теренот има средства за дезинфекција на рацете. Облеката и просториите секојдневно се дезинфицираат. Има препорака играчите да не се движат во јавни објекти, што повеќе да бидат дома и да ги следат информациите од клубот. Инаку, ние сме пред промоција на прваци во Втората лига, имаме голема предност пред нашите конкуренти за влез во Првата лига и ни треба една победа во последните 4 кола за да ја оствариме целта. Направивме голем успех досега, вака убедливо никој досега не успеал да биде првак. Државата е доста организирана и моќна да се справи со каков било проблем. Се надевам дека ќе го реши и ова. Има многу болници, медицински лица, специјалисти, опрема, капацитет да ги примат и сместат сите заболени. Најважно од сè - има ред и дисциплина. Затворени се сите поатрактивни места во Дубаи, Абу Даби и во другите градови во ОАЕ, но не е ограничено движењето на луѓето. Засега нема такви размери на зголемување на бројот на инфицирани. Значи, движењето во овој момент е слободно. Аеродромите се отворени, затворени се летовите со државите во кои е голем бројот на инфицирани со коронавирусот.

Вирусот не ги поштеди ниту фудбалерите, како Даниел Ругани од „Јувентус“, Калум Хадсон Одои од „Челзи“, Маноло Габиадини од „Сампдорија“ и тренерите Микел Артета на „Арсенал“ и Антонио Конте на „Интер“. Какви последици би оставил овој вирус врз физичката способност на еден спортист, фудбалер?

- Вирусот не ги поштеди познатите, актери и спортисти и многу други. Многу е покомплицирано во фудбалските екипи зашто многу побројни се индивидуалните ѕвезди. Поради еден играч, се изолира цела екипа. Разочарувачки се информациите за позитивни резултати на тестовите за коронавирусот кај голем број познати фудбалери. Се надевам дека нивниот здрав организам ќе се избори со болеста и тие повторно ќе се вратат во фудбалот.

Како тренер на „Емиратес клуб“ од Рас Ел Хајма, успеавте да победите десет натпревари по ред, а најзначаен успех беше совладувањето на најголемиот конкурент за прво место. Каде е тајната на вашиот тренерски ракопис во овој клуб?

- Што се однесува до успехот што ние, тројцата тренери од Македонија го правиме овде, мои помошници се Коки Аврамовски и Филип Деспотовски, морам да кажам дека тој се потврдува поради моето 33-годишно искуство како професионален тренер, имам повеќе од илјада првенствени натпревари во мојата кариера. Искуство и во работа со екипи од арапскиот свет, ова ми е трета година во ОАЕ и три години во Саудиска Арабија. Го познавам менталитетот на играчите и имав одлична атмосфера со нив во сите екипи каде што работев. Сигурно за голем дел од успехот се заслужни моите помошници Коки и Филип, кои се вистински професионалци во својата работа. Годинава соборуваме рекорди, играме добро во голема серија и ќе направиме сè за да удриме голем печат на нашата работа, да покажеме дека иако доаѓаме од мала, но фудбалска држава, имаме подобри резултати од познати тренерски имиња од големите фудбалски земји.

Со која позиција на крајот од сезоната ќе ги исполните Вашите амбиции кога застанавте на чело на клубот?

- Нашите амбиции во годинашново првенство се исклучиво освојување на првото место, иако влегуваат две екипи во Прва лига. На второпласираната екипа ѝ бегаме седум, а на третопласираната 10 бода. Реков, има четири кола до крајот, извесно е веќе дека ние ќе бидеме први, а за второ место ќе се борат четири екипи.

Како е да се работи во една земја што не е толку позната по фудбалот?

- Фудбалската лига во ОАЕ беше прогласена за најквалитетна лига во цела Азија. Пред Јапонија, Кореја, Кина, Саудиска Арабија, Иран... Значи, не може да се каже дека е непозната фудбалска земја. Можам со сигурност да кажам дека Фудбалската лига во ОАЕ е меѓу најпосакуваните за фудбалерите и тренерите од цел свет.

Не е тајна дека богатите земји често не одбираат средства за да ги донесат најдобрите во повеќе сфери. Дали е така и во спортот?

- Познато е дека во сите сфери на животот Емиратите ги носат најголемите и најпознатите имиња. Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер имаат златни визи и секоја можност ја користат да дојдат на одмор со семејствата. За Божик и Нова година тука се најпознатите ѕвезди. Марадона двапати работеше тука, но без забележителен резултат.

Вашиот внук Георг Стојановски е веќе дел од младинската фудбалска репрезентација до 16 години и најдобар стрелец на тимот на „Вардар“. Каде посакувате да заигра еден ден, во кој европски клуб?

- Што се однесува до мојот сакан внук Гео, среќен сум и горд што израснува во многу голем потенцијал. Има шанси да игра во голем светски клуб. Засега, тој е среќен во „Вардар“, каде што секоја година е најдобар стрелец во екипата и во првенството на Македонија. Настапува редовно и за репрезентацијата на Македонија – играчи до 17 години. Скромен е, не лета, цврсто стои на земја, силно е мотивиран да биде познат фудбалер. Нека биде само жив и здрав. Цело наше семејство стои зад него, го бодриме на секој напревар, а тој речиси секогаш нè прави среќни. Рано е да се каже во кој клуб ќе игра во иднина. Можеби е нескромно да се зборува за тоа... Тој навива за Барселона.

Со внукот Георг

Што прогнозирате, ќе се пласира ли Македонија на првото Европско првенство?

- Требаше овој месец да играме со Косово, бараж за Европско првенство, но натпреварот е одложен. За кога? Непознато е. Имаме добра репрезентација, добри шанси за успех... Се разбира, посакувам да ги елиминираме нашите противници, од кои реално сме подобри. Од нашите репрезентативци во преден план се Пандев и Елмас, но има и други добри играчи.
Подготвил: Соња Алексоска-Неделковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема