Затоа децата се во состојба на апатија, на себекриење зад агресивното однесување, на себекриење зад тивкоста и повлеченоста, на себекриење зад себеси, конечно, во неможност да се снајдат во овие тешки времиња во кои не е едноставно да сфатат каде живеат
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Современите животни текови, дефинирани како модерна доба, со себе носат висок степен на алиенација, дерогирање на сите некогаш толку почитувани вредности, кои за нас, постарите, беа подразбирлив животен аутфит, изостанување на онаа искрена топлина по која се распознаваме како луѓе, но истовремено пред нас ги исправаат воспитните предизвици насочени кон младите – како да создадеме луѓе кои ќе бидат подготвени да го сфатат животот и да го живеат на начин кој ќе им овозможи квалитет - оној што нивниот неповторлив тајминг го заслужува за да може да се нарече живот. Бидејќи работам со млади, имам можност од „прва рака” да го видам и, секако, како учител да го доживеам она што денес, во времето на сериозни деформации по сите основи, им недостига. Пред сè, сериозните сколиози на ововременскиот морално-етички скелет ги ставаат во состојба да бидат збунети и несигурни во поглед на тоа што е исправно, а што не е и како се случува неисправното да биде посилно од исправноста – онаа толку мачна лекција на која сакаме да ги научиме и за која како учител се залага секој од нас што држи до себе и својата учителска мисија. Повеќедецениското искуство ми кажува дека на децата сме им потребни, би рекла, како никогаш порано, во услови во кои вредностите се дискутабилни, предизвиците се баласт, емпатијата е луксуз, ароганцијата е ин, неучењето е непотреба, а културата е смешна, во услови во кои сè е поважно освен свеста за тоа какви навистина треба да бидат. Затоа се во состојба на апатија, на себекриење зад агресивното однесување, на себекриење зад тивкоста и повлеченоста, на себекриење зад себеси, конечно, во неможност да се снајдат во овие тешки времиња во кои не е едноставно да сфатат каде живеат.
Зошто е така? Пред сè, она од кое треба да се тргне се причините за нивното однесување. Длабоките корени се наоѓаат во грешките на нас, постарите, кои играјќи ги различните ролји во животот на младите (родителските и учителските), пропуштаме да вложиме во неколку многу важни аспекти од градењето на младите. Пред сè, во нивната самосвест, би рекла, затоа што сфаќањето на личната суштина подразбира свесност за различните себеаспекти, вклучувајќи ги особините, однесувањето и чувствата. Самосвесноста им овозможува препознавање на сопствените сили, подрачјата за подобрување, изборот на соодветни развојни методи, како и поттикнување на климата на континуирано учење и развој.
Учителското искуство ми покажува дека градењето на сликата за себеси е основа за развој на самосвеста на младите затоа што така стануваат способни да се препознаат како личности одвоени од околината – знаат кои се, се гледаат себеси, ги знаат своите предности и ограничувања, знаат што сакаат и во што веруваат. Затоа самосвеста е предуслов за градење на целосна личност, способна да гради здрави односи, насочена да се развива и да се самореализира. Тоа значи дека кога младиот човек ќе си одговори на прашањето: Кој сум јас? ја добива внатрешната слика за себеси како уникатна личност, а преку „социјалното огледало” го учи начинот на однесување и кон и на другите, низ оние толку сложени процеси на социјалната интеракција. Овој аспект е многу важен затоа што себезабележувањето во голема мера влијае врз тоа како се однесува, како комуницира, како гради односи и како е задоволен од сопствениот живот. Токму затоа е многу важно да се сфати дека самодовербата, која во основа денес е дефицитарна кај младите, е тесно поврзана со влогот во нивната самосвест. Дотолку повеќе што секој од нас како учител денес најдобро знае дека младите се со несоодветно однесување токму затоа што не се свесни за сопствените квалитети, не знаат колку можат, ниту ги гледаат причините за тоа да ги поместат своите граници во услови кога, за жал, само деформациите се безгранични.
Како се поврзани самосвеста и самодовербата? Самосвеста се однесува на доживувањето на она што младиот човек е. Развиеното чувство на самосвест се распознава по задоволството од себеси, што има за резултат, меѓу другото, и изостанување на потребата да се малтретира некој друг (што во современиево е многу раширен модел на однесување), а со што се потврдува фактот дека само лично несреќен човек е зол човек – практиката покажува дека младите се агресивни поради себеси, не поради другите и токму поради тоа, со агресијата ја прикриваат сопствената ранливост. Важно е да се нагласи дека самосвеста е знаењето кое младиот човек го има за себеси, како се доживува, што мисли за себе таков како што е и како се однесува кон тоа сознание. Самодовербата, пак, е мерка за тоа што е способен да направи, во што е добар или лош и за што е способен, што многу зависи од тоа како се гледа себеси. Генерално, самосвеста е врзана за постоењето на младиот човек и личното чувство во „сопствената кожа”, а самодовербата е врзана за неговите постигнувања и форматите на однесување.
Како може да се развие и поттикне самосвеста? Овде се многу важни, пред сè, реакциите на родителите кон детето, кои може да одат во две насоки, односно во правец на прифаќање и почитување на детето такво какво што е, или пак во правец на обвинување и отфрлање, бидејќи не е такво какво што тие замислувале дека треба да биде. Секако, првата алтернатива е добар пат кон себеприфаќањето на детето и сакањето на себеси токму такво какво што е, што пак му го креира и односот кон другите. Во овој контекст мора да се нагласи и улогата на нас, учителите. Несигурното, агресивното или, пак, тивкото дете всушност ни упатува повик за помош и охрабрување, канализирање на неговото однесување преку изнаоѓање соодветни модели на негово ангажирање, како и негување на чувството дека секогаш сме тука за него се само неколкуте можни формати за однесување кон децата кои, благодарение на недоволната самосвест, немаат самодоверба и тој дефицит го манифестираат низ однесување кое, за жал, сепак полесно го осудуваме наместо да го разбереме. Сакале да признаеме или не, самите и како родители и како учители придонесуваме кон креирање деца кои ги детектираме како проблематични. Ако имаат слаби оценки, како носители на двете улоги говориме: „Мораш да почнеш да учиш. Ако не учиш, нема да ги поправиш слабите оценки. Ќе повторуваш, сите ќе ти смеат.” Изостанувањето на сериозен корективен зафат во тој правец од страна на детето ни покажува дека интонацијата ни е сосема погрешна и дека би требало да ја смениме: „Гледам дека нешто не е во ред. Можам ли да ти помогнам да бидеш подобар?”
Комплексно е прашањето на градењето млади луѓе, да. Но, она што е сигурно е дека помошта која им е потребна по основа на нивното изградување во самосвесни млади луѓе е императив во овие мачни времиња, во кои само свесен за себе и со тоа среќен млад човек може да има самодоверба и да биде подготвен цел живот да биде емпатичен, да почитува и да сака – оние вредни аспекти што денес толку многу ни недостигаат.