X
 29.03.2022 Наша тема

Нема настава и згрижување деца - од 11 април СОНК во генерален штрајк

Штрајкот ќе трае сѐ додека надлежните не ги зголемат платите за вработените во образованието, градинките, културата, високото образование, како и во ученичките и студентските домови

Пропаднаа преговорите за поголеми плати во образованието меѓу претставниците на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата. Минатата среда се одржа последната средба во Владата каде што било констатирано дека преговорите се неуспешни. Јаким Неделков, првиот човек на СОНК, вели дека Владата ништо не прифатила, односно ништо не им дала како предлог или опција.

- Од Владата не рекоа дека треба да се усогласиме и да се зголемат платите. Тие два часа нѐ караа, имало економска криза, воена криза, енергетска криза, тешка била ситуацијата во државата. Како ние да сме виновни, како ние да сме ја довеле државата во таа состојба. Но, зошто тогаш популистички ја зголемија минималната плата? - прашува Неделков.

СОНК бара минималната плата во државата да биде основица за пресметка на плата по коефициент на сложеност. Според таа пресметка, нето-плата на наставник би требало да биде 43.000 или 44.000 денари.
По неуспешните преговори, се подготвува генерален штрајк во образованието, ученичките и студентските домови, високото образование, културата и во градинките.

- Деновиве се изјаснува членство по синдикални организации. Се сондираат резултатите и денеска ќе има одлука за штрајк. Без исклучок, сите се за штрајк. Имаме 30.000 члена - додава Неделков.

Во деновите кога ќе се штрајкува, вработените во училиштата и во градинките ќе бидат на своите работни места, но нема да згрижуваат деца и нема да има воспитно-образовен процес.

- Вработените ќе бидат на работните места, односно ќе бидат во заедничка просторија во која ќе седат до крајот на работното време - вели Неделков.

СОНК бара поголеми плати уште од 2017 година. Досега успеаја да издејствуваат зголемување од само 10 отсто.

Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема