X
 29.04.2018 Живот

Боби Величков, маратонец: Јас уживам на Скопски маратон! Посакувам и другите како мене да се придружат!

Возам по булевар за да стигнам до кејот за тренинг, сѐ е блокирано, нема пристапни бариери. Секој ден скокам по тротоари. А на мои години, секое паѓање може да биде кобно. Јас сум веќе навикнат, ама за некој што вози класична количка од 20 кг е многу лошо – објаснува тој



Фотографија: Радован Вујовиќ

 Шести пат годинава учествува на Виз ер Скопски маратон, петти пат на полумаратонот (21 км). Се решил случајно, отишол прво на 5 км и оттогаш му влегла чивијата. Чест е да го запознаете Боби Величков, скопјанецот кој на безмалку 70 години под полна пареа се подготвува да учествува на 14. Скопски маратон, на 6 мај. И оваа година низ улиците на Скопје ќе ја видите маицата со пораката „И јас имам право на живот“, еден од начините на кои Величков се бори за правата на лицата со хендикеп.

- Возам активно 30-ина години. Случајно дознав за Скопскиот маратон и сакав да пробам како е, дали ќе можам. Си помислив да се предизвикам, дали ќе можам. На кеј возам секој ден по 5 км. Отидов непријавен, ме примија, не ми направија проблем. На син ми не му кажав дека ќе учествувам, му се јавив после трката, да дојде да ме земе. За неколку месеци ќе наполнам 70 години и мислам дека ова ќе ми биде последен полумаратон. Во иднина, здравје, ќе се натпреварувам на помалите трки, од 5 км до 10 км – вели Величков.

И снег да врне на 6 мај, татко ми нема да се откаже

Неговиот син Славко, мотивиран од желбата на татко си, му предложил да пробаат заедно да завршат полумаратон.
- За разлика од многумина што се наоѓаат во слична позиција, кои се откажуваат, татко ми е борец. Токму неговата упорност ме мотивира, ми дава сила. Да требаше да одам сам, немаше да го направам тоа. Почесто мене ме фаќа криза за време на трката отколку него. Во недела и снег да падне, тоа нема да го спречи татко ми да учествува – вели Славко. Ретко тренираат заедно зашто имаат различен ритам на денот.
Сиве овие години сум сам во ова, ниедно друго лице со хендикеп не ми се придружило, објаснува Боби.
- Има причина зошто е така. Годинава се пријави еден од Струмица, се надевам дека ќе дојде. Луѓето едноставно немаат со што да си купат полесни колички зашто со обичните, кои тежат по 20 кг, не се возат толкави релации. Агенцијата за млади и спорт треба да помогне во ова. Има млади деца што имаат желба да учествуваат, ама немаат услови. Срамота е само јас на 70 години да учествувам на Скопскиот маратон. Најевтината ваква количка е 2000 евра, државата не ни помага во купувањето на количките. Немаме никаква помош. Можеме само пелени да добиеме бесплатно во аптеките – вели Боби, кој е голем поборник за правата на инвалидизираните лица во земјава.

Неговата сопруга Љуба му е голема поддршка. Тој вели дека лице во инвалидска количка не може ништо да направи ако нема поддршка.

- Јас уживам на Скопски маратон, задоволство ми е. За жал, неодамна на една трка од хуманитарен карактер на која учествував, исто така на 21 км, бев многу разочаран како организаторите ми беа свртени со грб и не ме пречекаа како што треба. Сакам да учествувам на хуманитарни трки, ама не ми требаше таков однос, кога ме видоа дека дојдов, тогаш потрчаа. Јас не барам ништо специјално, само да бидам пречекан како сите други натпреварувачи – вели Боби.

Боби во придружба на својот син Славко (фото: Скопски маратон)

За разлика од ова неубаво искуство, упорниот маратонец се потсети на убав гест на гувернерот на Народна банка, Димитар Богов. - Лани 70 години славеше Народна банка и имаше пикник-забава со симболична трка од неколку километри. Извозев дотука и мислев да си продолжам, да се вратам дома. Ме чекаа двајца да ми пренесат дека гувернерот ме поканил да одам кај него. Ме качија по скали. Дојде тој, направивме најобичен муабет и тоа многу ми значеше – раскажува Боби.

Голгота додека да стигне на кеј

За жал, Величков мора да помине низ голгота за да реализира еден тренинг.
- Возам по булевар додека да стигнам до кејот за да тренирам, сѐ е блокирано, нема пристапни бариери. Секој ден скокам по тротоари. А на мои години, секое паѓање може да биде кобно. Јас сум веќе навикнат, ама за некој што вози класична количка од 20 кг, не е баш лесно. Годините си го прават своето – објаснува тој. Најтешка му е угорницата кај Порта Влае, накај студентскиот дом „Гоце Делчев“. Таа угорница сам не можам да ја поминам, вели тој.
- Секогаш бегам на средина на булеварот за да можам да возам. И без тоа веќе сум искривен и имам сколиоза, среќа што перничето на количката има вентил и можам колку-толку да се исправам. Патеката е тешка, ама тоа е тоа. Јас се држам добро, 33 години тежината не сум ја сменил. Мора самиот да се бориш, а луѓето што се во слична состојба како мене, многу се затворија. Во седум-осум години колку што е велосипедскава патека, не сум видел уште едно лице да дојде, оти буквално нема како да стигне дотаму – се жали маратонецот.


Фотографија: Радован Вујовиќ

Величков ги пофали организаторите на Скопскиот маратон.

- Од Скопски добив многу убав однос. Не ми направија никаков проблем што не сум се пријавил ниту првата година. Дојде Гордана Кузмановска-Николовска, ме пречека и сѐ беше во најдобар ред. Наредната година кога се пријавив за полумаратон, прашав каде има тоалет, иако имаше обележано, но не беше за инвалиди. Девојката што работеше таму се зачуди и ѝ стана непријатно. Веќе наредната година добив и тоалет – се смее Боби.

Тој признава дека многу му значи кога некој ќе му довикне од публика и посакува повеќе луѓе да излезат на 6 мај и да навиваат за сите.
- Во центар секогаш има. Во населбите многу помалку има навивачи. Баш во најтешкиот дел кај Порта Влае има најмалку. Многумина ме знаат. Ми се јавуваат луѓе со кои сум израснал, луѓе што веќе сум ги заборавил – вели тој.

Величков е 34 години во инвалидска количка. Качувањето на орев било кобно за неговото здравје. Работел во „Македонски железници“, надзор на локомотиви. Дека бил борец покажува и фактот дека уште десет години одел на работа во количка.
- И годините си го прават своето. Имам проблеми со стомачните мускули од скокањето со количката. Населбата има патеки, ама и тие се окупирани од автомобилите, па вртам на паркинзите.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот