X
 29.04.2019 Живот

Не е нормално директорот да има 1.424 пати поголема плата од работникот

Платата од 65,6 милиони долари, која годишно ја прима извршниот директор на „Дизни“, не е нормална. Како е можно некој да добива дури 1.424 пати поголема плата од своите работници, прашува Абигејл Дизни, внуката на Рој Дизни, коосновач на компанијата.

Наследничката на богатството на Волт Дизни пресметала дека Боб Ајџер, извршниот директор, од сопствен џеб може да им даде 15-отстотно покачување на сите вработени во „Дизни“, а платата и понатаму да му биде 10 милиони долари. Инаку, Дизни е голема обожавателка на Боб, но едноставно не се согласува со фактот дека за една година платата му е зголемена за 80 отсто.

Дополнително, ова не е првпат наследничката на Дизни, која е и хуманитарка, да ја критикува директорската плата.

- Никој на планетава не би требало да има 700, 600, 500 пати поголема плата од своите работници. Дури ни платата на Исус Христос не би смеела да биде 500 пати поголема од онаа на неговите работници - рече таа.

Дизни додаде дека доколку би можела, со закон би ги забранила приватните авиони бидејќи тие им овозможуваат на некои луѓе едноставно да ја избегнат реалноста. Абигејл нагласи дека од нејзината 21 година има дарувано 70 милиони долари во хуманитарни цели.

Но, во компанијата не се согласуваат со нејзиниот став.

- Дури 90 отсто од платата на господинот Ајџер се заснова на перформансите на компанијата, а откако стигна на позицијата извршен директор, акционерите се повеќе од задоволни. Во последните десет години пазарната вредност на „Дизни“ постојано се зголемуваше и минатиот месец порасна за 75 милијарди долари, додека цената на акциите од 2005 година, кога Ајџер ја презеде директорската фотелја, се зголеми од 24 на 132 долари за акција, а сето тоа директно позитивно влијае врз нашите вработени - објаснија од „Дизни“.

Оттаму додадоа и дека оваа година значително вложиле во платите на вработените. Така, како што наведоа, вовеле саатница од 15 долари и инвестирале 150 милиони долари во програма која на некои вработени им дава можност бесплатно да се стекнат со диплома.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот