X
 29.04.2021 Живот

Породилно отсуство подолго од 9 месеци, регулирање на правата на сезонските работници, повисока дневница за работа во недела, најави Шахпаска

Потребите и барањата на работниците се наш врвен приоритет и затоа континуирано, преку меѓусебен дијалог работиме на унапредување на прашањата кои се однесуваат на правата на работниците. За таа цел, заедно со нашите социјални партнери, синдикатите и репрезентативните и нерепрезентативните, работодавците, како и експертите работиме на новото системско законско решение кое ќе ги регулира работните односи, најави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, во синоќешната емисија „Економски магазин“, за Алсат ТВ, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Таа оцени дека постојното законско решение е старо 16 години, менувано е повеќе од 20 пати и не кореспондира со технолошкиот развој, со потребите на работниците и на работодавачите.

- Прецизно ќе ги уредиме договорите на определено време, со што ќе обезбедиме сигурност за работниците, ќе уредиме по колку време и под кои услови тие треба да преминат во договори на неопределено време, ќе ја регулираме сезонската работа, особено правата на работниците во периодот кога не се сезонски ангажирани. Ќе обезбедиме модерно и ефикасно решение за породилното отсуство, во делот на мајчинството и родителството, во кое и таткото ќе има право за отсуство од работа. Породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци - порача министерката Шахпаска и додаде дека притоа мора да се имаат предвид и потребите на пазарот на трудот и на стопанствениците.

Таа се осврна и на законското решение недела – ден на неделен одмор, кое наскоро ќе влезе во собраниска процедура и кое обезбедува поголемиот дел од работниците во недела да бидат со семејствата.

- За вработените во дејностите што се неопходни за функционирање на општеството, обезбедуваме повисока дневница за 50 проценти, но и слободен ден во текот на неделата, додека за вработените во трговските центри, кои ќе работат во една смена, се обезбедува за 100 проценти повисока дневница и слободен ден, додека 2 проценти од годишниот промет правните субјекти од овие трговски центри ќе бидат обврзани да ги уплаќаат во државниот буџет. Тие пари ќе се инвестираат за нови градинки - нагласи Шахпаска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот