Во берлинскиот музеј „Нова национална галерија“ деновиве можат да се видат роботски кучиња со хиперреалистични силиконски глави на познати личности како Илон Маск, Марк Закерберг, Џеф Безос, но и уметниците Енди Ворхол и Пабло Пикасо. Оваа интерактивна инсталација е дело на американскиот дигитален уметник Мајк Винкелман, познат и под името Бипл.
Роботите се движат низ галеријата, ги фотографираат посетителите и околината, а потоа „исфрлаат“ испечатени фотографии. Секоја фотографија е преобликувана со помош на вештачка интелигенција за да го одрази погледот на светот на личноста чија глава ја носи роботот (на пример, роботот со главата на Пикасо прави кубистички фотографии, а тој на Ворхол прави поп-арт).
Преку ова дело, насловено „Обични животни“, уметникот сака да упати критика за тоа како технолошките милијардери и нивните моќни алгоритми денес ја обликуваат нашата перцепција за реалноста. Според него, овие луѓе имаат огромна моќ да одлучуваат што гледаме, а што не, менувајќи ги алгоритмите без никаква надворешна контрола.
Фото: Screenshot/YouTube