X
 16.10.2015 Уметност

"Криптолити" на Ангелина Спировска вечерва во Музејот на град Скопје

Вечерва во 20 часот во Музејот на Град Скопје ќе се отвори изложбата „Криптолити“ на младата Ангелина Спировска. Спировска е добитничка на наградата „Борко Лазески“, а со таа причина Музејот на град Скопје ја реализира нејзината изложба. Непосредно пред изложбата поразговаравме со авторката во врска со она што ќе го видиме денес.


Кажи ни нешто за твојата работа. Кои теми те инспирираат и каква порака сакаш да испратиш преку делата?

Идеите доаѓаат одвнтаре, од моите размислувања, чувствувања и окупираност, како и од она што се случува околу мене, моето искуство, животот, релациите со луѓето, општеството, настаните, природата што ме опкружува... Се може да биде инспирација, понекогаш свесно и со намера, а некој пат сосема случајно, спонтано....идеите циркулираат во потсвеста, и чекаат да дојде правиот момент за да бидат реализирани. Како што многуумниот Конески во една прилика ќе каже „поривот за смисла не прашува“.... Секако, клучна работа е и страста кон истражувањето, кон непознатото, кон она штто можеби изгледа обично и неприметливо. Преку делата, сакам да ја пронајдам и покажам убавината и посебноста на се она што можеби е скриено од нашите очи. Тоа задоволство во откривањето е главен предизвик во процесот на мојата работа.


Зошто токму криптолити за изложбата во Музејот на град Скопје?

Бидејќи Криптолитите отворија за мене еден свет, дотогаш непознат. Како дел од природата, тие на прв поглед изгледаат на обични камчиња кои всушност во себе чуваат еден маѓичен свет, кој не само што има асоцијативен туку и суштествен карактер. Очигледно, таа лична возбуденост која ја почувствував гледајќи го тој внатрешен микро - космос на испреплетени бои и форми, беше толку силна што посакав тие секвенци на радост и задоволство, преку играта на сликањето да ги преточам во дела кои ќе бидат обелоденети пред мене и другите.


Може ли да ни откриеш нешто повеќе за делата кои ќе се најдат на изложбата?

Поставката на делата ќе изгледа необично, бидејќи иако станува збор за слики, тие ќе бидат поставени во музејската просторија на еден неочекуван начин, образувајќи една инсталација спротивно на конвенционалното поставување, а со тоа дополнително ќе биде потсилена енергијата кои самите дела ја имаат. Вкупно ќе бидат изложени 17 дела, сите во кружна форма, работени со најразлични материјали, видно различни едни од други, а сепак, преку нивната поставеност ќе заиграат во просторот една заедничка игра.


Кои се плановите за иднина и што е следното што може да се очекува?

Ќе продолжам да истражувам нови теми, материјали и пристапи во сликарството, бидејќи сметам дека сликарство како еден смер во ликовната уметност е сеуште недоволно истражен и самата слика (иако денес се повеќе занемарена од новите пристапи, концепти и медиуми), сепак нуди уште безброј можности за нејзино откривање, истражување и експериментирање. Моментално работам на мојот магистерски труд и се надевам дека во блиска иднина тој проект ќе прерасне во нова изложба.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност