X
 29.05.2018 Образование

Одржан прием во УКЛО по повод големиот успех на државниот ораторски натпревар

Поради големиот успех на УКЛО постигнат на државниот Ораторски натпревар организиран по повод Денот на Европа - 9 Мај, во Ректоратот на УКЛО е одржан прием. Покрај студентите Снежана Секуловска од Правниот факултет и Ирена Димовска-Митревска од Педагошкиот факултет, наградени со второ и трето место, на настанот присуствуваа и академски кадри од УКЛО вклучени во поддршката за активирање на студентскиот потенцијал како одлична можност студентите да ги подобруваат вештините за јавно говорење.

1

Ректорот проф. д-р Сашо Коруновски, по повод успехот на УКЛО, истакна дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола првпат освојува две од вкупно три ораторски награди и дека во два наврати беше успешен домаќин на манифестацијата Собир на студентите од универзитетите во Република Македонија.

По повод постигнатиот успех, ректорот на УКЛО на наградените студенти им додели пригодни награди и благодарници. Тој потсети дека традиционалниот настан се одржа во рамките на Студентскиот собир што ги обединува студентите од сите универзитети во државата, при што  дебатираа и ги одмеруваа ораторските вештини на тема: „Мојата порака до Европа“. Ова значајно случување и дружење на студентите од Република Македонија се одржува во организација на Европското движење во Република Македонија во соработка со делегацијата на Европската Унија. Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, истакна дека УКЛО и овој пат доби пофалби за сериозниот академски и организациски придонес како активен чинител на настан по повод Денот на Европа и за покажаната подготвеност да учествува на манифестации што ја обединуваат Европа, ги негуваат мирољубивоста и демократските вредности.

2

На овој настан на УКЛО му претходеше ораторскиот натпревар УКЛО ТРИВИУМ, трет по ред, на тема: Quo vadis, студенту?  Правата на студентите во 21-от век! За покажаните говорнички вештини и умешност, покрај дипломи, УКЛО на најдобрите оратори им додели и парични награди, што е уште еден показател за поддршката и мотивацијата која во различни полиња на интерес и учество ја даваме за нашите студенти, како репрезенти на факултетите од кои доаѓаат и на Универзитетот во целина.

Со Тривиумот УКЛО воспоставува една суптилна, модерна нишка со младите, за нивните права, потреби, нивните мислења и ставови и дека УКЛО ТРИВИУМ е можност студентите да го заземат своето централно место, клучното место што им припаѓа како во Универзитетот така и во општеството. Во таа смисла, студентските беседи и говори што произлегуваат од ораторскиот жар се очекува да овозможат да се слушне гласот на младите: не само како размислуваат студентите туку и да помогнат во трасирањето на приоритетите и својствените за нив: визионерски и авангардни погледи.

3

ТРИВИУМОТ од страна на УКЛО се оценува и како одлична можност студентите да ги подобруваат вештините за јавно говорење, аргументирано и стилско изразување. Настанот традиционално се одржа во рамките на одбележување на Денот на основањето на УКЛО, 25 април.

Посебно е нагласен моментот дека на настанот има студенти кои се редовни учесници, меѓу кои Сара Димеска и нејзината сестра Стефани. Она што е посочено како еден вид предност и посебност од ваквите манифестации во кои студентите се најдиректно инволвирани е примерот кога успешни оратори и говорници се вклучуваат активно како ментори за своите помлади колеги, при што е акцентиран придонесот на студентката од Економскиот факултет – Прилеп, Лина Димоска, која двапати беше меѓу најдобрите говорници на УКЛО ТРИВИУМ.

Инаку, пригодата е искористена да се поттикнат најмладите членови од академската заедница да отвораат теми за кои сакаат да се дебатира и да изнесат иницијативи за вклучување во најразлични креативни форми на студентски активизам и интердисциплинарно вмрежување, што целосно и сесрдно се поддржува од раководство на Универзитетот. Овие активности во текот на целата година УКЛО ги планира за достојно одбележување на јубилејот 40 години постоење на Универзитетот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование